Доналд Трамп бил главниот иницијатор на упадот во Капитол на 6 јануари, изјави денеска главниот демократски обвинител Џејми Раскин на вториот ден од историското судење на поранешниот претседател во Сенатот.
– Американски претседател испрати маса свои приврзаници во Капитол – рече Раскин на почетокот на денот во кој Обвинителството го има главниот збор.
– Доказите ќе покажат дека Доналд Трамп ја напуштил својата улога на врховен командант и станал главниот двигател на опасниот бунт – додаде тој.
– Овој случај не се однесува на обвинување невин набљудувач, туку на човек лично одговорен за поттикнување на нападот- рече Раскин.
Сенатот го почна судењето на поранешниот претседател на САД за поттикнување бунт, односно нападот што се случи во јануари врз зградата на американскиот Конгрес.
Деветмина демократски обвинители изјавија дека Трамп почнал да го разгорува гневот на своите приврзаници многу пред 6 јануари.
– Трамп минатата пролет сфати дека може да ги изгуби изборите во ноември и почна да сади семе на бес меѓу своите приврзаници велејќи дека може да ги изгуби изборите само ако бидат украдени – рече прeтставникот Џозеф Негус.
Ако сакаме да спречиме вакво нешто да не се повтори, Трамп мора да биде осуден, додаде тој.