Дел од водечките европски весници одбија да објават платена реклама потпишана од унгарскиот премиер Виктор Орбан, со образложение дека не сакаат да му дадат простор на политичарот обвинет за подривање на човековите права и слободата на медиумите, пренесува „Ројтерс“.
Рекламата што Орбан сака да ја објави, тврди дека Брисел создава „супердржава“, го нагласува отфрлањето на „европската империја“, додека повикува и на зајакнување на националните паарламенти, противејќи се на поблиската европска интеграција.
– Европскиот парламент се покажа како ќорсокак – тој ги претставува само сопствените идеолошки и институционални интереси. Улогата на националните парламенти треба да биде засилена – се вели во рекламата.
Уредникот на весникот „Тајмс оф Малта“, Херман Греч, кој одби да ја објави рекламата, во напишаното образложение за неговиот потег наведува дека „владата на Орбан им објавила војна на слободните медиуми во Унгарија“. Тој додава „ние нема да седиме мирно додека тој стекнува корист на друго место“.
Белгискиот весник „Де Стандард“ исто така одби да ја објави рекламата, наместо која реши да испечати цела страница во боите на виножитото што ги симболизира правата на ЛГБТ-заедницата, заедно со пораката „Драг Виктор Орбан, законите никогаш не треба да ја разликуваат љубовта од љубовта“, што се однесува на новиот унгарски закон против ЛГБТ-правата.
Шведскиот весник „Дагенс Нихетер“ го следеше примерот на колегите од Малта и од Белгија, со што побара интервју од Орбан, наместо објавувањето на рекламата.
Рекламата на Орбан излезе во француски „Фигаро“, шпански „АБЦ“, како и во други весници од Данска и од Чешка.
Унгарската влада не одговори на прашањето на „Ројтерс“ за тоа колку весници го одбиле барањето за објавување на рекламата.