Предупредувања од Глобалната здравствена организација
Делта-сојот на ковид-19, кој првпат беше откриен во Индија, полека станува доминантен вид коронавирус во светот, објави Светската здравствена организација (СЗО). Велика Британија извести за зголемување на инфекциите со делта-варијантата, додека германските здравствени работници предвидуваат дека наскоро ќе стане доминантен вид и во Германија, и покрај зголемувањето на бројот на вакцинирани.
Слично како и Германија и Русија информира дека делта-видот направил рекорден број новозаразени лица во Москва. Руската Федерална агенција за биомедицина (ФМБА) соопшти дека открила нова варијанта на коронавирусот, која е способна да ја намали ефикасноста на лекувањето и превентивните лекови, вклучувајќи ги и вакцините, соопшти денеска агенцијата.
– Руски научници од ФМБА открија нови варијанти на ковид -19. Мутациите се откриени примарно во Це-протеинот и во доменот на врзување за човечките рецептори. Може да ги промени биолошките својства на вирусот и клиничките знаци на инфекцијата, а може да ја намали и ефикасноста на лекувањето и на постојните вакцини, кои се тестирани на претходните видови ковид-19 – наведува ФМБА.
Официјални лица на СЗО изјавија дека Африка останува континент што предизвикува загриженост, бидејќи таму се евидентирани околу пет проценти од новите инфекции и околу два процента од смртните случаи во светот.
– Делта е на добар пат да стане доминантен вид во светот поради високата инфективност – соопшти главната научничка на СЗО, Сумја Сваминатан.
Во меѓувреме, Велика Британија регистрира 10.321 лице заразени со коронавирус во саботата, со што бројот на заразени од почетокот на пандемијата се искачи на 4.620.968, соопшти британското министерство за здравство. Ова претставува најголемо зголемување од февруари, кога случаите нагло паднаа во услови на една од најуспешните кампањи за вакцинација во Европа. Сепак, со ширењето на варијантата делта, која првпат беше откриена во Индија, Велика Британија забележа значително зголемување на инфекциите. Поради зголемениот број новозаразени, Даунинг стрит одлучи да го одложи олеснувањето на рестриктивните мерки. Од истата причина голем број држави донесоа одлука да продолжат со ограничувањата за сите оние што пристигнуваат од Велика Британија.