Светските лидери се подготвуваат за виртуелно одбележување на 75-годишнината од Обединетите нации (ОН), додека ефектите од пандемијата се чувствуваат ширум светот, пишува „Форин полиси“. Но 2020 го привлече вниманието кон горливи прашања за ефективноста на ОН, како и за повлекувањето на најголемиот донатор САД од Светската здравствена организација. Имаше проблеми во ОН и претходно. Обединетите нации и нејзините агенции постојано се борат за пари за покривање на зголемените трошоци за мировните, здравствените и образовните мисии, наспроти растот на сиромаштијата на глобално ниво. Во поглед на одржувањето на мирот и на безбедноста, учинокот на ОН е разочарувачи – од неодлучноста во однос на апартхејдот во Јужна Африка до Ирак, Руанда, Јемен, светската финансиска криза од 2008 и сега, со ковид-19.
Вообичаените одговори на неуспесите на ОН се однесуваа на проширување на П5 (петте постојани членки на Советот за безбедност кои ги претставуваат главните победници во Втората светска војна). Односно за воведување на други светски сили како што се Индија или Турција, преку создавање на нови категории или нови места за Африка. Еден од предлозите е и укинување на правото на вето на П5.
Но ниту една од предложените мерки не е адекватна. Единствениот начин напред е прифаќање на клучната разлика помеѓу 1945 и 2020 година, односно деколонизацијата и потполно укинување на постојаните членки на Советот за безбедност, за што „Форин полиси“ во сопствената анализа наведува повеќе причини.
Прва причина претставуваат длабоко колонијалните корени на ОН. Во 1945 година, четири од петте постојани членки на Советот за безбедност беа колонијални држави. Во текот на 75-те години на постоење на ЕУ, 80 поранешни колонии стекнаа независност. А тоа претставуваше значителна промена во однос на популацијата. во 1945 година, под Кина, САД, Обединетото Кралство, Франција и Русија потпаѓаа 10 отсто од членките и над 50 отсто од светската полулација, во рамки на нивните империи. Сега П5 се одговорни за 26 отсто од светската популација и за три отсто од членките на ОН.
Дури и со 10-те дополнителни непостојани членки на СБ, кои се очекува да се натпреваруваат за избор за влез во Советот на две години, што чини милиони долари во лобирање, местата во СБ се дистинктивно евроцентрични. Лошата поделба се одразува и на други делови од ОН, а особено на позицијата на генерален секретар. Од 1945 година, четворица од деветте вршители на функцијата, беа бели Европејци, а ниту еднаш немаше генерален секретар од исламска вероисповед. А лидерите на ОН се обидоа да му пристапат на ова прашање со диверзификација на водечките луѓе на агенциите.
Уделот на П5 во глобалниот БДП изнесуваше околу 47 отсто во 1940 година, а денес е 49 отсто, според пресметките на „Форин полиси“. Магазинот го поставува прашањето дали статусот во ОН им помогнал на П5 да го одржат економскиот империјализам, или пак, економскиот империјализам им послужил да ги задржат моќните позиции во ОН.
Во анализата се наведува дека ниту една држава не заслужува постојано место, а одлуките врз основа на вето треба да бидат донесени во согласност со критериуми за одговорност и транспарентно прикажани. „Форин полиси“ предлага нова структура на СБ во која сите 15 членки се привремени во периоди од пет години. Конкуренцијата за место би била широка, со ограничување од два мандата во период од 40 години, за да се избегне доминацијата.
– Светот не може да издржи уште 75 години на нееднаквост. Повторно осмислена и посилна структура дава шанса за создавање на модел за посоодвени и адаптибилни ОН подготвени да се соочат со предизвиците на иднината – се заклучува во анализата на „Форин полиси“.