Експлозијата што одекна во индустриска зона во Леверкузен во вторникот однесе два животи а се повредени повеќе од 30 лица, соопштија германските медиуми. Од експлозијата се крена висок црн облак од чад над градот, а се смета дека уште неколку лица се водат за исчезнати, пишува Ројтерс.
На пожарникарите им беа потребни три часа за да го изгаснат оганот во фабриката, во која се наоѓа и германскиот фармацевтски гигант Баер.
„Сочувствувам со жртвите и нивните семејства. Сè уште трагаме по исчезнатите, но надежите дека ќе ги најдеме живи полека бледнеат“, изјави шефот на Чемпарк, Ларс Фридрих.
Полицијата соопшти дека петмина од 31 повреден завршиле во болница со сериозни повреди.
„Ова е трагичен момент за Леверкузен“, рече градоначалникот Уве Рикрат.
Полицијата побара од граѓаните да останат во своите домови и да ги затвораат вратите и прозорците во случај на ширење на отрови низ воздухот, а фабриката исто така побара од нив да ги исклучат климатизерите додека мерат токсични честички.
Надлежните изјавија дека уште не е познато што ја предизвикало експлозијата што го предизвикала пожарот во резервоарот со растворувачи.
„Растворувачите гореа и сè уште не знаеме точно кои супстанции протекоа. Ние им помагаме на властите во истрагата и земаме примероци за тестирање“, рече Фридрих.
Леверкузен е на помалку од 50 километри од областите погодени од силни поплави минатата недела. Повеќе од 30 компании се наоѓаат во фабриката на Чемпарк.