Темел Карамолаолу, водач на помала турска исламска политичка партија „Фелисити”, изјави денеска дека две лица биле убиени во источна Турција на избирачко место. 
Тој на Твитер напиша дека волонтер и набљудувач биле убиени во еден округ во провинцијата Малатја.

Турски медиуми денеска објавија дека едно лице било убиено, а друго повредено во кавга меѓу поддржувачи на ривалски кандидати на локалните избори.

Карамолаолу рече дека членовите на партијата биле нападнати од роднина на кандидат од турската владејачка Партија на правдата и развојот.

Во Турција денеска се одржуваат локални избори на кои право на глас имаат повеќе од 57 милиони луѓе на околу 200.000 избирачки места во 922 окрузи. Граѓаните избираат претставници во локалните собранија, како и десетици илјади соседски или селски администратори, наречени „мухтари”.

Аналитичари оценуваат дека во случај на добар изборен резултат на партијата на Ердоган, тој ќе ја зајакне својата контрола врз претседателството, парламентот и локалната самоуправа.