Германската влада соопшти дека две специјализирани лаборатории во Франција и Шведска потврдиле оти рускиот опозиционер Алексеј Навални е отруен со нервен гас – новичок.
Претходно, присуството на оваа супстанца кај Навални, го потврди и германската воена лабораторија.
Портпарол на германската влада, Стефан Зајберт, денес изјави дека примероците се испратени и до Организацијата за забрана на хемиско оружје и дека ќе ги тестира во нејзините референтни лаборатории.
– Ја повикуваме Русија уште еднаш да се изјасни за овој случај. Ние сме во близок контакт со нашите европски партнери за понатамошните чекори – додаде тој, пренесе Ројтерс.
На Навални му се слоши на 20 август во Русија, во авион, по што беше префрлен во Германија, каде оттогаш се наоѓа на лекување.