Северна и Јужна Кореја денеска постигнаа договор до следниот месец „целосно да расформираат“ 22 стражарски пункта од двете страни на нивните цврсто утврдени граници, што е резултат на последниот напредок во напорите двете страни да ја намалат воената напнатост, соопшти јужнокорејското Министерство за одбрана.
Овој чекор е резултат на воениот договор постигнат од двете страни на Самитот во Пјонгјанг, со кој се заложија за прекин на „сите непријателски дејства“, воспоставување ограничена зона и постепено отстранување на безбедносните стражарски пунктови, како и оружјето и мините од демилитаризираната зона меѓу двете земји.
Според соопштението, претставниците на двете страни во селото Панмуџом, во демилитаризираната зона, исто така, разговарале и за повторно воспоставување заедничка воена комисија и заеднички тим за испитување на состојбата на реката Хан, која трговските бродови на двете земји би можеле да ја користат.