Генералниот директор на Европската Комисија задолжен за проширувањето, Кристијан Даниелсон, коментарајќи го предлогот на идниот европски буџет во кој не се предвидени средства за нови земји членки на ЕУ, изјави дека Унијата „веќе многу инвестира“ средства на европските даночни обврзници во државите од Западен Балкан за справување со прашања важни за блокот како што се поврзувањето или владеењето на правото.
Според Даниелсон, она што е важно е дека стапката за Западниот Балкан во буџетот е зголемена.
Европската комисија во нацрт-буџетот предлага зголемување на средставта за претпристапните фондови за следниот финансиски период од 2021 до 2027 година од 11 на 14,5 милијарди евра.
– Финансиската рамка 2021-2027 не зборува за проширувањето затоа што тоа не е прашање за финансиската рамка. Тоа прашање ќе се појави кога ќе дојдеме на крајот од процесот, кога ќе бидеме на крајот на претпристапните преговори. Но, 2025 не е врежана во камен, процесот се базира на способноста на земјите да одат напред. нагласи Даниелсон.
Европскиот комесар задолжен за буџетот, Гинтер Етингер вчера изјави дека „ниту едно евро“ не е предвидено за проширувањето во следниот нацрт-буџет на Унијата, но доколку некоја земја биде подготвена да пристапи во ЕУ ќе се мобилизираат средства, како што беше случај со Хрватска.
Меѓутоа во февруарската стратегија на Европската Комисија за проширувањето стои дека се очекува „импактот од пристапот на Западниот Балкан врз буџетот на ЕУ да биде многу ограничен“.
– Сепак прошриувањето има цена и ќе значи дополнителен трошок за земјите членки. Повеќегодишната финансиска рамка ги рефлектира политичките приоритети на ЕУ. Потребите за пристапните подготовки ќе треба да бидат земени предвид во следната повеќегодишна финасиска рамка, каде специфични ставки за прошриувањето ќе бидат вклучени. Доколку некои земји се подготвени да се приклучат за време на следната финансиска рамка, потребните промени ќе треба да бидат направени, се наведува во документот.
Високи извори во Европската Комисија велат дека „она што е важно е дека претпристапните фондови ИПА за наредниот финансиски период се значително зголемени“, но не беа во можност да одговорат дали овој пасус од стратегијата се коси со изјавата на комесарот Етингер.
Со оглед на претстојните европски избори прашањето за можни прошриувања во наредните години останува чувствително, потсетуваат извори во ЕК.
Вработените во ЕК, како и Етингер, упатуваат на искуството со Хрватска. Непосредно пред влезот на Хрватска во ЕУ во 2013, Унијата усвои измени на буџетот со зголемување од околу 655 милиони евра во заложби и 374 милиони евра во исплати. Влезот на Хрватска се случи само една година пред стапувањето во сила на новата финансиска рамка за 2014-2020 година, така што промените се однесуваа само на 2013.
Во овој момент, лидери во регионот се Црна Гора и Србија, кои веќе ги започнаа пристапните преговори со ЕУ, но Даниелсон не ја исклучува можноста другите земји да ги престигнат, зависно од темпото и успешноста на реформите.
Извори во Европската Комисија повторуваат дека 2025-та е „најдобро можно сценарио“, но не е ниту ветување, ниту гаранција.