Бранот на убиства се случи во време кога беше објавена статистика што фрли силен сомнеж во земјата и ја крена шведската влада на нозе, пренесува „Јутарњи“
Ескалација на насилство во последните неколку недели
Шест жени се убиени во последните пет недели во Шведска, што предизвика јавна дебата за тоа дали властите прават сè што е во нивна моќ да ги заштитат жените. Убиствата се случиле во три различни региони, а жртвите припаѓале на различни генерации, пренесува хрватски „Јутарњи“. На истата тема британски „Би-би-си“ пишува дека заедничко за сите случаи е дека сторителите се машки лица што биле блиски до жртвите. Две од убиствата се случиле среде бел ден, едното во срцето на тивкиот рурален град на југот на земјата, а другото на железничка станица во универзитетскиот град Линкопинг. Во Флемингсберг, предградие на Стокхолм, каде што живеат повеќето луѓе со ниски примања, една жена била прободена со нож во стан во кој живеела со своите четири деца.
Фрапантна статистика
Според „Јутарњи“, неодамнешниот бран на убиства се случи во време кога Националниот совет за спречување криминал (БРО) објави статистика што фрла сомнеж дали Шведска е една од најбезбедните земји со развиена свесност за родовата еднаквост.
– Податоците покажуваат дека во 2020 година, 16.461 жена биле нападнати од личност со која биле тесно поврзани. Ова е зголемување од 15,4 отсто во споредба со претходната година, кога биле пријавени 14.261 случаи – истакнува „Би-би-си“.
Во 2020 година биле убиени 25 жени, од кои 13 биле убиени од нивниот партнер. Во просек, секоја година во Шведска околу 15 жени се убиени од нивниот сегашен или поранешен партнер. Околу 14 проценти од жените во Шведска (речиси половина милион) изјавиле дека биле изложени на насилство или закани во врската барем еднаш, откри истражување од 2014 година, а БРО проценува дека околу 80 отсто од случаите на насилство врз жените никогаш не се пријавени.
Шведскиот премиер Стефан Лофвен го осуди насилството врз жените и призна дека Владата и општеството треба да сторат повеќе за решавање на проблемот. Министерката за родова еднаквост Марта Стеневи неодамна изјави дека е „згрозена и вознемирена“ од последниот бран насилство врз жените, но не е изненадена затоа што сепак „живеат во општество каде што жената е угнетувана“.
Десетгодишна национална стратегија
Британскиот медиум „Би-би-си“ пренесува дека уште во 2016 година, Шведска ја презентирала десетгодишна национална стратегија што вклучува обезбедување поголема заштита и поддршка на жените што претрпеле или страдаат од насилство. Планот се очекува да биде ажуриран подоцна овој месец, што треба да вклучува подолги затворски казни за сторителите и зголемена употреба на електронски налози за обележување и ограничување. Во понатамошната анализа на „Јутарњи“ се наведува дека шефот на националната полиција Андерс Торнберг ги поздравил новите правила, но истакнал дека казните се само „почеток“ во борбата против овој вид насилство. Тој повика на подобрена соработка меѓу шведските власти, здравствените и социјалните служби, но и апелира до општеството во целина да го сфати прашањето посериозно. Тој исто така рече дека изложеноста на жените на семејно насилство е „голем проблем што бара повеќе активности“ и дека полицијата неодамна ангажирала 350 дополнителни вработени за борба против криминалот. Претседателката на Националната организација за заштита на жените, Џени Вестерстранд, се согласува со ставот дека ова е проблем што не е соодветно решен. Проблемот е што прашањето за насилството врз жените се користи во идеолошките спорови меѓу политичарите.
Вината во „увезените вредности“ или во пандемијата?
Лидерот на националистичките шведски демократи, Џими Акесон, неодамна истакна дека „увезените вредности“ поттикнуваат насилство врз жените. Антиимиграциските партии во Шведска сметаат дека зголеменото насилство врз жените е резултат на неодамнешниот имиграциски бран. Шведската полиција не регистрира осомничени за криминал по националност, но обвинителите посочуваат дека неколкумина од мажите на кои им се суди не се од Шведска. Министерката Стеневи смета дека проблемот е длабоко вкоренет во шведското општество и нема никаква врска со „мигрантското прашање“. Таа зборува за т.н. „злосторства на честа“ сторени за заштита или одбрана на наводната репутација на семејството.
Од друга страна, како еден од факторите за насилството може да биде и пандемијата. Имено, иако Шведска, за разлика од многу други земји, избегнуваше карантини и строги мерки, сепак ширењето на коронавирусот ги принуди жените да поминуваат повеќе време дома. Премиерот Лофвен на социјалните мрежи апелира до мажите во Шведска да се обидат да се борат против насилството и мизогинијата во општеството.
– За да престане машкото насилство врз жените, мажите треба да се променат. Оние што вршат насилство врз жени се нечиј син, брат, пријател или колега. Мажите особено треба да зборуваат отворено дека машкоста не се докажува со насилство и злоупотреба. Никогаш не прифаќајте некој што користи насилство или закани за да добие моќ над луѓето блиски до нив. Никогаш не гледајте настрана и не оправдувајте – апелира шведскиот премиер.