Откако во Сенатот беше отфрлено обвинението против него, претседателот во иднина може да зачести со ризичното однесувањето што првенствено доведе и до процесот за отповикување

Автор: Питер Николас

Атлантик

Претседателот Доналд Трамп ја преброди последната и најсериозна криза што сам си ја предизвика. Како и обично, се чини дека не извлече никаква поука од ваквото искушение.

Мнозинството на републиканци во Сенатот вчера изгласа Трамп да остане на функцијата. Единствениот од партијата што гласаше против едно од двете обвиненија (злоупотреба на функцијата) за претседателот беше Мит Ромни, сенаторот од Јута. Претседателот по тешкото премреже излезе посмел и со слобода да ги помести границите што ги наложува извршната власт.

Што може да го спречи? Каењето сигурно не. Нема никаков сигнал во животот на 45-тиот претседател дека самиот сака да си го поправи однесувањето. Трамп сè уште верува дека бил „совршен“ неговиот телефонски разговор со украинскиот претседател, во јули, во кој тој бара да се спроведе истрага за неговиот политички ривал, поранешниот потпретседател Џо Бајден. Никогаш не се извини затоа што го претвори неговиот личен адвокат Руди Џулијани во неофицијален дипломат кој бара докази за да ѝ наштети на опозицијата. Во очите на Трамп, вчерашната одлука на Сенатот да го ослободи од обвиненијата ја потврдува идејата дека бил неправедно гонет.

Ова веќе претходно го видовме. Лани Трамп тврдеше дека истрагата за руското мешање во изборите (се сеќавате на неа, нели?) на крајот завршила со „негово целосно ослободување од обвиненијата“. Еден ден откако специјалниот советник Роберт Милер експлицитно изјави пред Конгресот дека не му е обелен образот на Трамп, претседателот го направи кобниот телефонски повик до Украина, со што започна низата на настани која всушност доведе и до процесот за отповикување.

– Тој ќе смета дека ова е апсолутен доказ за се што направил и за начинот на кој го направил – порача Рајан Крокер, американски амбасадор што веќе шести пат ја извршува функцијата под власта на републикански и демократски претседатели. Повикувајќи се на старата поговорка: „ако сакате да го нападнете кралот, подобро не промашувајте“, тој додаде и дека „кралот ќе биде со одврзани раце откако ќе заврши судењето“.

Ова беше главниот аргумент на демократите за отстранување на претседателот од функцијата.

Блискиот круг на претседателот вели дека разумно е да се претпостави оти тој нема да го промени неговиот пристап кон политиката, откако ќе заврши сагата со отповикувањето. Тие ја истакнаа неговата возраст од 73 години и неговиот начин на однесување како њујоршки магнат за недвижности навикнат на склучување деловни зделки.

Но ако постои нешто што може да го спречи Трамп, тоа е шансата по втор пат да биде отповикан.

– Фактот што тој е третиот претседател во американската историја чие име ќе биде обележано затоа што бил отповикан е нешто по кое е препознатлив – изјави Фернандо Куц кој беше заменик на вториот советник на Трамп за национална безбедност, Х. Р. Мекмастер.

Објаснувајќи ја нејзината одлука да го поддржи обвинението за претседателот, републиканската сенаторка на Мејн, Сузан Колинс, изјави за Си-би-ес њуз дека тој во иднина „треба повеќе да внимава“ како се однесува. Таа се надева на тоа, но искуството вели поинаку.

Со тоа што отповикувањето веќе е зад него, следниот тест за Трамп е неговиот реизбор. Можеби годинешната претседателска кампања ќе биде најновиот референдум за неговите методи. Ако сметаше дека има неколку пречки што водеа кон отповикување и ако неговото ослободување од обвинението ја зајакне неговата интуиција, тогаш новата изборна победа ќе ги прекине истрошените врски што го поврзуваат со традиционалните стандарди за претседателско однесување.

Во иднина претстојат сериозни предизвици. Конфликтот со Иран може да ескалира во отворена војна, што ќе зависи од тоа дали Техеран дополнително ќе возврати за тоа што Трамп го нареди убиството на генералот Касим Сулејмани. Епидемијата на коронавирусот се рашири надвор од Кина и претставува непознат ризик. Трамп се соочува со вакви можни кризи со празна влада. Една скорашна анализа на институтот Брукингс покажа дека има „низа на заминувања“ од Советот за национална безбедност во Белата куќа, чиј делокруг ги опфаќа коронавирусот, иранскиот конфликт и сите други закани по безбедноста на нацијата.

Ако ослободувањето од обвинението го оправдува однесувањето на Трамп, како што се негирањето на судските покани на Конгресот и повикувањето на странски влади да се мешаат во американските избори, републиканците можеби ќе зажалат за ваквиот исход. Што би можело да го спречи демократскиот претседател да ги искористи истите алатки на сметка на Републиканците?

Превод: Билјана Здравковска