Според извештаите на голем број медиуми, Индија е земјата што од ден на ден сѐ повеќе бележи загуби на човечки животи, иницирано од пандемијата на коронавирусот. Се смета дека новиот бран во земјата со најголема популација во светот е инициран од индиска мутација на ковид-19, која, според научниците, е новиот „загрижувачки сој“ на вирусот што може да ги влоши светските напори за сузбивање на пандемијата
Дали Индија е новото бојно поле на глобалната битка со коронавирусот и може ли последните случувања со ковид-19 во земјата со популација од 1,4 милијарда жители да ја влоши светската борбата за сузбивање на пандемијата. Овие дилеми се актуелни деновиве во светските медиуми откако катастрофата што се развива во Индија се чини дека е најсериозна за светот, бидејќи во земјата со најмногубројна популација нема доволно болнички кревети, пристап до тестови, а уште помалку лекови или кислород за инфицираните. Угледниот магазин „Гардијан“ во свој осврт на случувањата во земјата пишува дека она што е сериозно во Индија е тоа што земјата е со кревок здравствен систем и уште послаб надзор од властите, каде што хаотичната состојба со коронавирусот има огромната можност од локално да премине на глобално ниво, бидејќи вакви слики со толкави зарази од ваков обем сè уште не се забележани во пандемијата.
– Секојдневно се пријавуваат голем број новозаболени од коронавирусот, а се претпоставува дека една од причините е мутираниот сој на ковид-19, вирусот Б.1.617, откриен во земјата. Во таа насока властите, петти ден едноподруго, регистрираат големи бројки на новозаразени поради што и индиската армија се вклучи во борбата против новиот бран на вирусот. Новиот сој, Б.1.617, се нарекува уште и двоен мутант, бидејќи има две мутации на ниво на протеин на вирусот САРС-Ков-2, што е застрашувачка причината за новата пандемија на коронавирусот – пишува „Гардијан“.
Мутациите на вирусот причина за хаосот?
Во меѓувреме, „Си-ен-ен“ во свој текст наведува дека ширењето на коронавирусот во Индија е трагедија за нејзиниот народ, но исто така е и катастрофа за остатокот од светот, бидејќи 92 држави во развој зависат од азиската држава, чиј Институт за серум (СИИ) е најголемиот светски произведувач на вакцини, за снабдувањето со потребни дози. Згора на тоа, како што наведува американскиот медиум, дополнителна загриженост предизвикуваат информациите за ширењето на индискиот вид на ковид-19, кој беше забележан во уште барем 10 држави.
– Се смета дека за избивањето на заразата придонеле мутациите на ковид-19, но и политичките и верските собири организирани низ Индија, на кои присутните не се дистанцирале и не носеле заштитни маски, како и бавниот одговор на индиските власти, кои прерано прогласија победа над коронавирусот во февруари. Сево ова, иако е прерано да се изнесуваат заклучоци, но и влијанието на преносливоста на индискиот сој треба да го алармираат светот – пишува американскиот медиум. Од друга страна, друга загрижувачка проблематика е и што речиси помалку од 10 отсто од индиското население досега прими прва доза од вакцината против ковид-19, а Индија во меѓувреме го запре извозот на големи пратки на вакцини од СИИ, што ќе се одрази врз снабдувањето на другите држави. Во тој контекст, САД, Обединетото Кралство и Европската Унија веќе најавија помош за Индија, вклучувајќи медицинска опрема, додека таа се справува со новиот бран на ковид-19.
Кризата во Индија голем проблем за светот
Паралелно на ова, како што наведуваат новинските агенции, поради големиот број смртни случаи, индиските власти деновиве прават масовни кремирања на необични локации, како што се паркинзи, бидејќи крематориумите се полни. Локалните власти наредиле да се сечат дрва во парковите, за да се обезбеди гориво за масовно кремирање. Во Њу Делхи и во други градови во Индија, колони амбулантски возила чекаат на ред за да ги пренесат мртвите, пренесуваат светски агенции. Според генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејезус, се прави сѐ што може за болниците да се снабдат со материјали и основна опрема, како што се концентратори на кислород, подвижни теренски болници и лабораториска опрема. Инаку првата мутација на ковид-19 е блиска на оние регистрирани случаи во Јужна Африка и во Бразил. Сепак втората варијанта на овој вирус, која многу веројатно е главен причинител за новиот бран на зарази во Индија, е забележана и во Калифорнија, САД, а првпат каде што двата соја сега се појавуваат заедно. Според СЗО, оваа индиска мутација треба да се следи, но сè уште нема доволно податоци за да се утврди дали станува збор за „опасен сој“ на коронавирусот од кој треба да стравува светот.