По референдумот во Русија, на кој се гласаше за промена на Уставот на државата, се отвора можност претседателот Владимир Путин да остане на власт до 2036 година
Правно-уставни дилеми во Руската Федерација
Среде пандемијата на коронавирусот, со дневно околу 10 илјади новозаразени, Русите излегоа на гласање за уставните промени за кои ги повика да гласаат актуелниот претседател Владимир Путин, кои, според најавите, меѓу другото му го отвораат патот преку нови мандати тој да остане на власт во земјата до 2036 година. Според првичните објавени резултати, од Централната изборна комисија со пребројани 98 проценти од гласачките ливчиња, речиси 78 проценти од граѓаните гласале за измените на Уставот на земјата, додека околу 21 отсто гласале против, јавија западните медиуми.
Во исто време, објавувањето на прелиминарните резултати од референдумот, додека траеше гласањето, веднаш ги вознемири западните критичари, кои во своите написи однапред го осудија исходот, а референдумот го окарактеризираа како сомнителен, бидејќи, според нив, со уставните реформи претседателот сам себеси може да си обезбеди доживотно претседателско место и имунитет откако ќе заврши неговото владеење.
Кристијан Трипе, долгогодишен аналитичар за „Дојче веле“, вели дека ризиците и несаканите последици од референдумот се непредвидливи. Според него, духот на новиот руски устав очигледно ќе го почувствуваат и другите, мислејќи на Европа и светот.
– Поддржан од исходот на ова гласање, Кремљ ќе се охрабри уште повеќе да продолжи да го пропагира својот модел на управување. Низ цела Европа, популистите и од левиот и од десниот политички спектар може да очекуваат засилена промоција на автократијата на Москва. Но на земјите што добија независност од Советскиот Сојуз пред 30 години, уставните измени им се причина за нова главоболка – тие пропагираат „историска вистина“ што се заснова на стариот советски империјален историски концепт – вели Трипе.
Во меѓувреме, на истава тема „Си-ен-ен“ пишува дека за време на кампањата била користена литература што ја затскривала вистинската причина за референдумот, со слоганот „Наша земја, наш Устав, наша одлука“. Наместо тоа, според американскиот медиум, референдумот беше промовиран како враќање кон старите семејни вредности, за да ги привлече конзервативните гласачи.
– Во брошурите беа наведени низа амандмани, вклучувајќи и дел што го дефинира бракот исклучиво како „заедница меѓу маж и жена“.Сепак, брошурата прескокнуваше една клучна поента, а тоа е дека референдумот практично ги ресетира мандатите на Путин и му овозможува да се кандидира за уште два шестгодишни мандати кога ќе му заврши актуелниот претседателски мандат во 2024 година – наведува „Си-ен-ен“.
Слично како „Си-ен-ен“, и „Гласот на Америка“ укажува на истите забелешки за уставните измени во Русија по референдумот. Според медиумот, најконтроверзен дел меѓу повеќето од 200 амандмани во пакетот за измените се оние што го ресетираат мандатниот термин на Путин на нула, со што се отвора патот тој да се кандидира за повторен избор кога неговиот тековен шестгодишен мандат ќе истече во 2024 година и повторно во 2030 година.
Критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, резултатите ги нарече „огромна лага“. Според него, можноста Путин да владее уште 16 години не им се допаѓа и на многу други граѓани.
– Русија и досега е претседателски систем што на претседателот му дава далекосежни овластувања. Но со новата реформа, рускиот владетел ќе има уште поголем простор за дејствување. Во промената на Уставот се вели дека претседателот може да ги води општите работи на владата, а тоа практично значи дека владата веќе нема да одлучува во кој правец ќе се развива земјата. Со тоа едноставно се потврдува апсолутната моќ на досегашниот претседател за во иднина – изјавил Навални за западните медиуми.
Од друга страна, руската новинска агенција „Спутник“ нагласува дека на сегашниот Устав на Русија, кој бил усвоен во 1993 година, му биле неопходни измени што ќе доведат до демократизирање на општеството.
– Измените на Уставот вклучуваат, меѓу другото, нови социјални гаранции, како и гаранции за зачувување на територијалниот интегритет и на рускиот јазик, како и многу измени во државниот систем кога станува збор за владата, државните службеници и претседателот. Со новите измени, Русија може да биде и да остане Русија само како суверена држава – наведува „Спутник“.
Според медиумот, суверенитетот на рускиот народ треба да биде безусловен.
Инаку, во новиот устав, Русија треба да се заштити и од „штетни пресуди“ на меѓународните судови. Меѓународното право во Русија во иднина не треба да ужива предност, а воопшто не треба да најде примена ако рускиот уставен суд дојде до заклучок дека не е во согласност со националното право.