Демонстрантите се гневни поради новите акцизи на горивото, кои ги сметаат за напад на личниот буџет, а не придонес за заштита на животната средина и државниот буџет. Тоа само го засилува чувството кај добар дел од француската јавност дека политичката елита во Париз воопшто не се грижи за нив, оценува „Дојче веле“
Масовните и делумно насилни протести против поскапувањето на цените на горивото, кои деновиве ја погодија Франција, се насочени против претседателот Емануел Макрон. Францускиот претседател е цел на критики дека воопшто не се интересира како живее обичниот народ. Протестите, на кои досега животот го загубија најмалку две лица, немаат јасен организатор, иако најистакнато е движењето „Жолти елеци“, оценува „Дојче веле“.
Движењето „Жолти елеци“ се појави на социјалните мрежи и го сочинуваат работници, од кои многумина досега не протестирале на улиците. Тие се гневни поради новите акцизи на горивото, кои ги сметаат за напад на личниот буџет, а не придонес за заштита на животната средина и државниот буџет. Тоа, според „Дојче веле“, само го засилува чувството кај добар дел од француската јавност дека политичката елита во Париз воопшто не се грижи за нив.
Меѓу илјадниците демонстранти што излегоа на улиците во повеќе градови и делови на Франција има и поранешни гласачи за Макрон. Тие го критикуваат францускиот претседател дека не се однесува сериозно и не ги разбира потребите на луѓето од селото, кои сочинуваат над 60 отсто од населението.
– Нашата куповна моќ постојано опаѓа, а многумина од нас мораат да одат на работа со автомобил и овие акцизи ја прелеаја чашата – истакнува за „Дојче веле“ Кристоф Каленшон.
Интересно е тоа што протестите немаат официјален организатор, а само еден разгранок на големиот синдикат „Моќ на работниците“ им се придружи на демонстрантите од солидарност. Тоа, пак, според „Дојче веле“, значи дека Макрон всушност нема со кого да преговара.
– Но за тој проблем во добар дел е виновен и самиот. Претседателот ги поткопуваше посредничките тела, како што се синдикатите и униите на работодавци, откако дојде на власт. Тој претпочита директно да им се обраќа на луѓето – оценува Стефан Ваних, шеф на агенцијата за испитување на јавното мислење СЦП.
Ваних истакнува дека Макрон го затекнаа жестоки протести поради недостигот од искуство на францускиот лидер. Макрон (40) никогаш порано не бил избран на некоја функција, дури ни во локалната политика.
– Тој спроведува реформи од перспектива на сметководител. Зголемувањето на акцизите можеби му изгледа логично, но неговите реформи го зајакнуваат длабокото чувство на неправда меѓу оние што едвај врзуваат крај со крај. Особено поради тоа што овие мерки следуваат откако го зголеми данокот за пензионерите, а го намали оној за инвеститорите – додава Ваних.
Од друга страна, социологот Алексис Спајр од Францускиот национален центар за научни истражување, оценува дека стратегијата на Макрон е јасна.
– Макрон активно одлучи да не ги зема предвид барањата на демонстрантите, за да го зачува кредибилитетот како првак во заштита на климата – наведува Спајр.
Тоа делумно има врска и со тоа што се ближат изборите за Европскиот парламент, а поголем дел од гласачкото тело на Макрон го сочинува либералното граѓанство, добро образовани жители на градовите. Сепак, во моментов анкетите покажуваат дека само 25 отсто од Французите сметаат дека Макрон е добар претседател. Политикологот Ваних смета дека тврдиот став на Макрон кон протестите нема да има добри ефекти во гласачкото тело. Некои анкети покажуваат дека дури две третини од Французите ги поддржуваат „жолтите елеци“.
– Повеќе луѓе ќе гласаат за десничарските партии, каква што е поранешниот Национален фронт. Актуелните случувања само го зголемуваат нивниот гнев кон елитата во престолнината, која не ги разбира нивните потреби – заклучува Ваних.