По минатонеделната силна експлозија во Бејрут, во која загинаа над 160 лица, а 6.000 засега се повредени, во земјата деновиве изби бран на протести на граѓаните како резултат на слабиот владин одговор за справување со несреќата, но и лошите економски политики во земјата
Последици од немилите настани во Либан
Не престануваат демонстрациите во главниот град на Либан, Бејрут, по силната експлозија на пристаништето, во која досега животот го загубија над 160 луѓе, а уште 6.000 беа повредени. Демонстрантите, кои ѝ се лути на владата поради страшниот инцидент со експлозијата, но и поради лошата економска политика што власта ја води во изминатите неколку години, се гневни, а според извештаите на новинските агенции, доколку продолжат протестите ,можно е земјата, која до пред несреќата беше во криза на повеќе фронтови, сега да навлезе во нова, и тоа економска. Како што наведуваат западните агенции, Либан во моментов се соочува со невидена економска криза, многу луѓе живеат во сиромаштија и има најмасовни протести против владата во последните десет години. Во таа насока, дополнителен аргумент за економската нестабилност во земјата се и податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој проценува дека јавниот долг на државата од 162 отсто од БДП за 2020 година е четвртиот највисок во светот. Оваа организација предвидува дека јавниот долг на земјата во периодот што следува дополнително ќе се зголеми, а тоа може да придонесе Либан да навлезе во тешка економска криза.
Во меѓувреме, за да се избегнат поголеми нереди, но и последици во земјата, либанскиот премиер Хасан Дијаб за време на протестите што се одржуваа викендов најави дека ќе предложи одржување предвремени избори во земјата, откако експлозијата во главниот град предизвика криза. Тој во телевизиско обраќање ги повика сите политички партии да ги остават несогласувањата зад себе и да работат заедно. Дијаб рече дека е подготвен да остане на функцијата во наредните два месеци, за да им даде време на политичарите да применат структурни реформи. Сепак, демонстрантите што протестираа на Плоштадот на мачениците во центарот на градот, и покрај ваквите апели од премиерот, влегоа и во зградата на Министерството за надворешни работи во Бејрут, извикувајќи пароли против владата, пренесуваат светските медиуми.
Францускиот претседател Емануел Макрон викендов го посети главниот град на Либан, каде што најави голема финансиска помош на Франција за земјата. Се очекува на оваа тема да се одржи и виртуелна донаторска конференција, која ќе биде организирана од Франција и Обединетите нации.
Инаку, истрагата за причините на експлозијата е во полн ек. Воениот обвинител Фади Акики соопшти дека се уапсени 16 вработени во пристаништето на медитеранската метропола. Според Акики, станува збор пред сѐ за вработени во управата на пристаништето и на царината. Тој истакна дека биле приведени и одговорните за одржувањето, како и луѓето вклучени во градежните работи на експлодираниот хангар бр. 12.