Новите анкети покажуваат дека мнозинството Американци веруваат дека странски влади ќе се обидат да се вмешаат во претседателските избори закажани годинава, меѓу кои има гласачи за Демократската и за Републиканската партија. Истражувачкиот центар „Пју“ објави анкета на 12 февруари, која покажува дека 71 отсто од американските испитаници веруваат дека со сигурност ќе се случи странско мешање во годинашните избори. Анкетата бележи зголемување од четири отсто во однос на истата анкета направена во 2018 година, кога беа забележани 67 отсто од испитаниците што сметаа дека странски влади ќе се вмешаат во тогашните конгресни избори. Постои значајна разлика меѓу тоа како демократите и републиканците реагирале на можноста за странско мешање во претстојните претседателски избори.
Педесет и четири отсто од демократите одговориле дека со сигурност други држави ќе се вмешаат во изборите наесен споредено со 23 отсто кај републиканците. Сепак, мнозинството од демократите и од републиканците сметаат дека постојат мали шанси да се случи тоа наесен, така што 84 отсто од демократите го поддржале овој став, а 59 отсто кај републиканците. Анкетата исто така покажува дека 82 отсто од демократите се сигурни дека странското мешање во изборите ќе предизвика големи проблеми во споредба со само 39 отсто кај републиканците.