Военото, економското и технолошкото издигнувањето на Кина, како и нејзината трансформација во нова суперсила во светот, поттикна неколку истражувачи да ја разгледаат можноста од нова или втора студена војна помеѓу Соединетите Американски Држави и Кина.
Меѓу првите кои предупредија за можноста од судир помеѓу двете суперсили беше Грехам Алисон – истакнат политички научник и поранешен советник за национална безбедност на Белата куќа во Вашингтон. Својата теза за неизбежноста на судирот помеѓу САД и Кина ја образложи во 2012 година во „Фајненшал Тајмс“, кога за прв пат го употреби терминот – „Тукидидовата стапица“, а својата теза ја догради во 2017 година со објавувањето на книгата „Судбоносни за војна: Дали Америка и Кина може да ја избегнат Тукидидовата стапица?“ Грахам Алисон тврди дека кога една издигнувачка моќ се заканува врз владејачката моќ, треба да се вклучи алармот бидејќи пристигнува опасноста. Според Алисон, САД и Кина се на курс за судир, а војната помеѓу двете суперсили во следните децении не само што е можна, туку и многу веројатна. Грахам Алисон својата главна теза ја заснова врз т.н. „Тукидидовата стапица“ именувана според хеленскиот историчар Тукидид кој ги опиша настаните од Пелопонеската војна. Главниот аргумент на Алисон е искажувањето на Тукидид дека војната помеѓу Атина и Спарта била неизбежна, поради политичкото и военото издигнувањето на Атина во Хелада кое предизвикало страв кај Спарта.
Грахам Алисон не е осамен. Со неговите искажувања се согласува и Нил Фергусон, истакнат историчар и професор, според кого тезата на Френсис Фукујама за крајот на историјат ја изгубила својата суштина. Фергусон во својата статија „Повторно црвено“, објавена списанието „Хувер Дигест“ истакнува: „Ако ми речевте пред триесет години дека Америка ќе биде во нова студена војна со друга комунистичка суперсила до 2019 година, не би ви верувал. Доколку ми кажевте, истовремено, дека социјализмот ќе биде мода кај младите Американци, јас ќе ве упатев кај психијатар. Но, тука сме.“
Фергусон вели дека вистинска војна помеѓу САД и Кина нема да има, но новата студена војна е на добар пат. Според него, повеќе не станува збор за неправедна трговска војна и губењето на американските работни места, туку за технолошка војна за 5Г мрежите, вештачката интелигенција, квантните компјутери и итн. Фергусон забележува дека како и во првата студена војна, двете суперсили се идеолошки поделени, од едната страна е Си Џинпинг и марксизмот како основна идеологија во Кина, а од друга страна е Доналд Трамп кој тврди дека Америка никогаш нема да биде социјалистичка држава. Како и во првата студена војна двете сили ќе се обидат да ја проектираат својата економска моќ во светот, но сега постојат разлики.
Кина се натпреварува со САД во однос на Бруто домашниот производ (БДП), меѓутоа Советскиот сојуз никогаш не се доближил до БДП на САД, денес двете најголеми економии се испреплетени, додека трговијата помеѓу САД и Советскиот сојуз била минимална. Во САД има околу 400 000 кинески студенти и 2,3 милиони кинески имигранти, додека бројот на советските граѓани во САД бил секогаш мал. Фергусон истакнува дека не е јасно кој ќе победи во новата студена војна, затоа што Кина со својата демографија, економија и технологија е многу поголем конкурент за САД, отколку што бил Советскиот сојуз.