Антонио Гутереш во обраќањето пред светските лидери ќе предложи примирје во светот поради борбата со коронавирусот, од кој се заразени 30 милиони лица, а над 900.000 лица се починати
Генералниот секретар на Обединетите нации (ООН), Антонио Гутереш, ќе го искористи своето годишно обраќање пред светските лидери закажано за следната недела за да испрати апели за примирје во светот до крајот на оваа година, за да можат државите да се борат против пандемијата на коронавирусот, како што соопшти „Еурактив“.
Според информациите на овој медиум, кинескиот претседател Си Џинпинг и неговиот руски колега Владимир Путин се очекува да остварат ретко присуство во седиштето на ООН во рамките на одбележувањето на 75-годишнината од формирањето на светската организација со 193 членки. Поради пандемијата, Џинпинг и Путин ќе присуствуваат на видеоконференцијата заедно со другите 170 владини и државни шефови како дел од состаноците, кои ќе траат една недела, почнувајќи од 22 септември. Американскиот претседател Доналд Трамп е единствениот лидер што на првиот ден лично ќе одржи говор, покрај свеченото обраќање на генералниот секретар Гутереш.
Од првиот апел за примирје упатен во март кога почна да се шири коронавирусот, Гутереш соопшти дека тогаш веќе биле забележани „позитивни сигнали“ за мировни договори во Судан, почеток на преговори меѓу авганистанската влада и талибанците, затишје на насилствата во Сирија, Либија и во Украина, како и „интензивирање на преговорите“ за постигнување мировен договор во Јемен. Тој исто така порача дека светскиот прекин на огнот ќе ги зголеми напорите за справување со ковид-19 и ќе помогне да се создадат услови за координирана, одржлива и инклузивна обнова од пандемијата. Првичниот апел за примирје го упати на 23 март, но на 15-те членки на Советот за безбедност на ООН им беа потребни повеќе од три месеци за формално да го поддржат неговото барање поради тензиите меѓу САД и Кина. Официјален Вашингтон не сакаше резолуцијата да се однесува на Светската здравствена организација за разлика од Пекинг, кој имаше спротивен став, како што пренесе „Еурактив“.
Во моментов во светот има речиси 30 милиони заразени со коронавирус, а над 900.000 лица се починати, според бројките на „Ројтерс“.
Додека ООН одбележуваат 75 години од нивното формирање по Втората светска војна, чија цел е токму да спречат појавување на сличен конфликт, Гутереш порача дека мултилатерализмот мора да се реформира за да има подобар одговор во светот денес. Тој истакна дека пандемијата и прашањата како климатските промени, беззаконието во сајбер-просторот и повторното јакнење на нуклеарните програми „јасно покажуваат дека светот е во многу ранлива состојба“. Гутереш изрази надежи дека „лидерите ќе бидат доволно скромни за да ја препознаат ранливоста и да сфатат дека се потребни единство, солидарност и меѓународна соработка“, соопшти „Еурактив“.