Самопрогласениот привремен претседател на Венецуела, Хуан Гуаидо, денеска ја повика венецуелската Армија да застане на негова страна и да престане да го поддржува шефот на државата Николас Мадуро.
– Дојде време да застанете на страната на Уставот. На страната на венецуелскиот народ – им порача Гуаидо на припадниците на Армијата од собир во Каракас.
Како што јави ДПА, Гуаидо, исто така, ја повика Армијата да дозволи влез во земјата на хуманитраната помош, што тој вчера ја побара од САД.
Во одговор на барањето на Гуаидо за испраќање хуманитарна помош, американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека САД се подготвени на Венецуела да и доделат помош во вредност од 20 милиони долари.
Гуаидо од собирот ги повика и американските дипломати да останат во земјата и да не го почитуваат барањето на Мадуро, кој им постави краен рок до недела да ја напуштат Венецуела.
– Им порачуваме на службениците од Американската амбасада дека можат да останат. Гледаме како узурпаторот (Мадуро), арогантно и грубо, ги протерува службениците на Американската амбасада, но ние денеска им порачуваме дека се добредојдени, бидејќи нашиот Парламент ги штити – нагласи Гуаидо.
Мадуро вчера соопшти дека Венецуела ги прекинува дипломатските односи со САД, поради одлуката на Вашингтон да го признае Гуаидо за легитимен времен претседател на земјата и им даде рок на американските дипломати до недела да си заминат од државата.
Стејт департментот, од своја страна, соопшти дека од Амбасадата во Каракас ќе го повлече персоналот што не е нужно неопходен, по што дел од дипломатите денеска заминаа од Венецуела кон САД.
Гуаидо, кој е претседавач на венецуелското Национално осбрание, во кое мнозинство има опозицијата на Мадуро, вчера на протестен собир во Каракас се прогласи за времен претседател на Венецуела.