Соединетите Американски Држави повторно го поддржаа лидерот на опозицијата во Венецуела Хуан Гуаидо, кој може да смета на нивната целосна поддршка.
Официјален Вашингтон додаде и дека не исклучува ниту една опција против венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
– За вас, претседателе Гуаидо, пораката од американскиот претседател Доналд Трамп е многу едноставна. Ние сме 100 проценти со Вас- изјави американскиот потпретседател Мајк Пенс во Богота на состанокот на Групата од Лима посветен на ситуацијата во Венецуела, а на кој присуствуваше и самопрогласениот привремен претседател на Венецуела.
Пенс рече дека САД се надеваат на мирна транзиција кон демократија, но не отфрли можност и за други опции, без да спомене директна воена интервенција.
Гуаидо на состанокот рече дека враќањето на демократијата во Венецуела е важно и додаде дека не треба да биде попустлив за властите кои можат да претставуваат закана за стабилноста во целиот регион.
Претседателот на Колумбија Иван Дјук ја осуди „диктатурата“ во Венецуела и додаде дека е неопходно да се затегне обрачот околу Мадуро.
Состанокот во Богота беше закажан по зголемените тензиите и инциденти на границата на Венецуела со Колумбија и Бразил, поради хуманитарната помош за Венецуела, на која Мадуро се противи.
Групата од Лима, чии земји го поддржуваат Гуаидо како привремен претседател на Венецуела, минатата година ги отфрли резултатите од изборите во Венецуела според кои победи Николас Мадуро.
Во оваа група има 14 земји – Аргентина, Бразил, Чиле, Колумбија, Костарика, Гватемала, Хондурас, Мексико, Панама, Парагвај, Перу, Гвајана, Света Луција и Канада.
На истиот состанок, колумбискиот министер за надворешни работи Холмес Трухиљо изјави дека Гуаидо и негово семејство се соочуваат со „сериозни и кредибилни“ закани по нивните животи.
Трухиљо порача дека доколку тие закани се остварат, Мадуро ќе се соочи со силен меѓународен одговор.
Шефот на колумбиската дипломатија не даде никакви детали во врска со наводниот заговор против Гуаидо и неговото семејство, туку само рече дека Мадуро ќе биде одговорен доколку некој од нив биде повреден.