Грета Тунберг следниот месец ќе патува низ Атлантикот со брза тркачка јахта, за да присуствува на климатските самити на ОН во САД и Чиле, како дел од едногодишно отсуство од училиште кое 16-годишната шведска активистка за климатските промени ќе го помине во САД. Патувањето ќе трае две недели, пренесува „Гардијан“.
– Добри вести! Ќе се приклучам на самитот на ОН за Климатската акција во Њујорк и Сантијаго. Ми беше понуден превоз со брза тркачка јахта. Во средината на август ќе пловиме низ Атлантскиот Океан, од Велика Британија до Њујорк – објави Грета на Твитер.
Таа во јуни изјави дека ќе направи пауза од училиште една година за да присуствува на самитите на 23 септември во Њујорк и од 2 до 13 декември во Сантијаго, кои ги опиша како „места на кои ќе се одлучува за нашата иднина”.
Јахтата е опремена со соларни панели и подводни турбини за генерирање безјаглеродна електрична енергија. Грета на двонеделното патување ќе биде придружувана од нејзиниот татко Сванте, Пјер Казираги, внукот на починатиот принц од Монако, Рение Трети и актерката Грејс Кели.
Пред оваа објава, Грета за странските медиуми изјави дека не сака да патува до САД со брод за крстарење поради нивните значително високи емисии на јаглероден диоксид, додека Атлантикот во август може да биде опасен за бродовите поради високиот ризик од урагани. Исто така, додаде дека нема да го користи воздушниот сообраќај за да стигне на самитот, поради огромното климатско влијание на воздухопловството.