Стотици активисти, поборници за климата, дојдоа во Глазгов со цел да извршат притисок врз светските лидери да дејствуваат за заштита на климата, еден ден пред Самитот за климата кој се смета од голема важност за иднината на планетата.
Пристигнувањето на активистите го означува почетокот на собирите кои се одржуваат истовремено со климатската конференција на ОН, која завршува на 12 ноември во тој шкотски град.
Синоќа, младата шведска активистка Грета Тунберг пристигна со воз во Глазгов, откако еден ден претходно присуствуваше на собирот на млади еколошки активисти во Лондон против улогата на финансиските институции во климатската криза.
Демонстрантите, кои пристигнаа од Шпанија, Белгија и самата Шкотска, претходно маршираа низ центарот на градот носејќи транспаренти со слогани „Ајде да дејствуваме сега“, „Акции, а не зборови“ и „Стоп за фосилната енергија“.
На самитот треба да присуствуваат повеќе од сто лидери, меѓу кои и американскиот претседател Џо Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон.
Се очекува да пристигнат и илјадници климатски активисти од целиот свет. Организаторите проценуваат дека ќе има околу 100.000 на големиот собир закажан за петок.
Шкотската полиција соопшти дека околу 10.000 полицајци ќе бидат распоредени на улиците на Глазгов секој ден за време на Самитот, и тоа ќе биде најголема операција за спроведување на законот досега организирана во Шкотска.