Младата активистка за борба против климатските промени, Грета Тунберг одржа говор на годишниот собир на Светскиот економски форум, кој се одржува во Давос, Швајцарија.
Грета е најмладата учесничка на овој форум во историјата. Темата на состанокот е како деловните иницијативи за заштита на животната средина, доквалификацијата на вработените и вложувањето во обновливите извори на енергија помагаат во постигнување подобри глобални животни услови.
На панелот ќе учествува и американскиот претседател Доналд Трамп, кој утрово пристигна со авион во Швајцарија.
Јавната расправа започна со пуштање краток филм за новиот бран млади активисти низ светот. Грета потоа кажа неколку информации за неверојатниот 18-месечен активизам и борбата против климатските промени, пишува Гардијан.
– Се случија многу работи за кои никој не можеше да предвиди, што го покрена ова движење. Во тоа не бев сама, многу млади низ светот учествуваа во создавањето на ова движење – кажа Грета на панелот.
– Но истовремено, не постигнавме многу бидејќи глобалните емисии на гасови се уште се во пораст. Мораме да почнеме да ја слушаме науката и да го третираме ова како сериозна криза. Ако климатските промени не ги третираме како криза, нема да можеме да го решиме проблемот – додаде Грета.
На панелот учествуваа и други млади активисти. Салвадор Гмез-Колон, 18 годишни климатски активист од Порторико, Наташа Ванг Манса, 18-годишна активистка од Замбија и Отом Пелтер, 16-годишна активистка од Канада.