Полскиот премиер Матеуш Моравјецки оцени дека кризата на границата меѓу Полска и Белорусија, која е источната граница на ЕУ, е најголемиот обид за дестабилизација на Европа од Студената војна.
– Белорускиот претседател Александар Лукашенко започна хибридна војна против ЕУ. Тоа е најголемиот обид за дестабилизација на Европа во последните 30 години. Полска нема да попушти пред уцените и ќе направи се за да ги одбрани границите на ЕУ – напиша Моравјецки на Твитер.
Моравјецки ќе се сретне со колегите од балтичките земји, од кои две исто така граничат со Белорусија, за да разговараат за кризата пред да замине во други европски земји следната недела.
Западот ја обвинува Белорусија дека вештачки создава криза дозволувајќи им на мигрантите, главно од Блискиот Исток, да дојдат во земјата и да ги однесат до границата, ветувајќи им лесен премин кон ЕУ. Белорусија ги отфрла тие обвинувања, а од друга страна ја обвинува ЕУ дека не прифаќа мигранти.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко завчера за „Би-би-си“ изјави дека е апсолутно можно неговите сили да им помогнале на луѓето да се преселат во ЕУ, но тој негираше дека тој ја организирал операцијата или дека ги поканил.
Иако има знаци дека кризата малку се смирува, полската граничари денеска известија за нови обиди за преминување на границата, наведувајќи дека се работи за многу агресивни групи од околу стотина мигранти.
Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак изјави дека Белорусија сега ја сменила својата тактика и насочува помали групи мигранти на различни точки на границата.
Мигрантите оставија се во нивните земји, трошејќи илјадници долари за да пристигнат во Белорусија со туристичка виза, решени да стигнат до ЕУ. Според полските медиуми, од почетокот на кризата, летово, загинале најмалку 11 мигранти.