Кога Европската Унија ја претстави својата програма за сателитска навигација, наречен „Галилео“, ја опиша како посилна, попрецизна и посигурна од американскиот ГПС, и начин да се стави крај на потпирање на европскиот блок врз системот контролиран од војската на САД, пренесува „Њујорк тајмс“.
Но, дел од европскиот навигациски систем не функционира речиси седум дена, од четвртокот, а ова е најнов проблем откако програмата почна да работи во својата пробна фаза од 2016 година.
Низата проблеми покренаа прашања околу тоа дали лансирањето сателити за програмата „Галилео“, за која Европската комисија (ЕК) соопшти дека ќе биде целосно функционална до 2020 година, треба да се прекине, додека не се најдат причините за неговиот неуспех.
Системот за сателитска навигација „Галилео“ е достапен и бесплатен низ целиот свет, а 100 милиони корисници на смартфони можат да го добијат неговиот сигнал. Но, корисниците најверојатно не го забележале прекинот на „Галилео“, бидејќи нивните смартфони се програмирани да го користат системот во соработка со други навигациски системи, како што се американскиот ГПС, рускиот „Глонас“ и кинескиот „Беиду“
Покрај тоа што не беше во функција, „Галилео алатката за пребарување и спасување“, која се користи за наоѓање на изгубени луѓе во планините или на море, сѐ уште е во функција, посочи ЕК.
Во врска со прекинот на работењето на „Галилео“, претставник од ЕК објасни дека се работи за технички проблем при ажурирањето на последната верзија, кој води до прекини во навигацијата и временските услуги. Засега нема информации кога системите повторно ќе бидат пуштен во употреба.
Според статистичките податоци, системот „Галилео“ има околу 30 отсто поголема точност во позиционирањето за разлика од ГПС. Првиот сателит за „Галилео“ беше лансиран во 2005 година од страна на Европската комисија и Европската вселенска агенција. Ова е првиот сателитски навигациски систем кој е во рацете на граѓаните, за разлика од оној на САД кој е контролиран од нејзината војска.
Но, „Галилео“ постојано се соочува со проблеми од почетокот на неговата пробна фаза, која трае веќе три години.
– Не е невообичаено за комплексен глобален систем за навигација кој е сѐ уште во почетна фаза да се соочи со привремени проблеми кои влијаат на квалитетот на неговиот сигнал, се наведува во соопштението на ЕК.
Во следната фаза на долгорочен буџет, која ќе трае од 2021 до 2027 година, ЕК предложи да се издвојат 16 милијарди евра за потребите на вселенската програма која го вклучува и навигацискиот систем „Галилео“.