Големите инвеститори во Саудиска Арабија работат на склучување нови зделки и на вложувањето пари на тамошната берза, откако кралството се обидува да се оддалечи од случајот со убиството на новинарот Џамал Кашоги, објавува „Ројтерс“.
Неговото убиство во октомври минатата година ги затегна односите на западните сојузници и Ријад сега се обидува да го подобри сопствениот имиџ. Цел на Саудијците претставува привлекувањето на странски капитал и знаење, во рамките на планот за реформи „Визија 2030“, со кој треба да се збогати економијата на најголемиот светски извезувач на нафта.
Одредени западни компании се дистанцираа од Саудиска Арабија по убиството, но „Ројтерс“ дознава дека неколку фирми од САД разработуваат планови поврзани со водечката арапска економија.
Ријад сака да прикаже дека бизнисот се одвива вообичаено. Саудиска Арабија испрати висока делегација на неодамнешниот Светски економски форум во Давос, а минатиот месец најави зделки вредни 54,4 милијарди долари, како и идејата за 10-годишната индустриска програма чија цел е привлекување на инвестиции во вредност од 427 милијарди долари.
Странските инвеститори вложија 1,85 милијарди долари на саудискиот пазар во првите два месеци годинава, што е пораст за повеќе од осум отсто во споредба со падот од околу девет отсто во првите две недели по убиството на Кашоги.
Се очекува годинашниот финансиски форум во Ријад да привлече повеќемина инвеститори, откако повеќе големи имиња се повлекоа од минатогодишното издание.