Секоја година во Русија исчезнуваат меѓу 70.000 и 100.000 луѓе, од кои половина се деца, објави Агенцијата за стратегиски иницијативи на Русија.
Една четвртина од лицата кои ќе бидат пријавени за исчезнати воопшто нема да бидат пронајдени, додава Светлана Чупшева од Агенцијата, која се обрати на форум на спасувачките организации од цела Русија што се одржува во градот Красногорск.
Според гувернерот на московскиот регион Андреј Воробјов, најважно за подобрување на состојбата со исчезнатите лица во Русија е да се соработува со мобилните телефонски компании за да може побргу да се утврдуваат локациите на лицата штом ќе бидат пријавени за исчезнати.