Жителите на Кулијакан можеа да здивнат, чувствувајќи олеснување во деновите по опсадата на мексиканскиот град од страна на наркокартелот Синалоа. Олеснување бидејќи заврши теророт, бидејќи нема да загинат уште луѓе и оти владините сили, кои го фатија синот на поранешниот водач на картелот, Хоакин Гузман, познат како „ел чапо“, ја вратија нивната цел, наместо да водат крвава битка, пишува „Њујорк тајмс“.
Пуштањето на слобода на синот на „ел чапо“, Овидио Гузман Лопез, кој го носи прекарот „глушецот“, од страна на мексиканските војници кои беа во помал број и послабо вооружени од нивните противници, наиде на критики насочени кон мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, бидејќи тој ја поддржа одлуката за попуштање кон картелот, и бидејќи не успеа да се справи со проблемот со насилството што ја мачи државата.
Но жителите на Кулијакан, главниот град на сојузната држава Синалоа и родно место на картелот, не ги делата таквите мислења. Тие велат дека одлуката спасила животи.
– Луѓето ја осудуваат како кукавичка, но за нас, кои всушност поминавме низ овој пекол, таа беше најдобриот избор – вели Андреа Ернандез.
Таа е сопруга на мексикански војник, чие семејство живее во комплекс што беше нападнат од луѓето на картелот.
– Никој друг не е во нашите чевли. Што е со нас, семејствата на војниците, кои беа сами тука, додека нашите сопрузи се бореа против нив. Зарем нивните животи не вредат – посочува Ернандез.
Многумина сметаат дека доколку „глушецот“ не беше ослободен, последиците ќе беа уште пострашни. Државната власт соопшти дека најмалку 14 лица ги загубија животите за време на престрелките, таа бројка уште не е официјално потврдена од локалните претставници.
– Пуштањето на Гузман Лопез на слобода беше правилната одлука. Во спротивно ќе се случеше масакр – вели Карлос Камачо, сопственикот на бензинска пумпа.
Гузман Лопез беше пуштен на слобода во четвртокот, а веќе в сабота животот во градот навидум продолжи да се одвива нормално. Скршените прозорци беа заменети, а остатоците од запалените автомобили расчистени. Но трагите од насилството и натаму можеа да се забележат, особено на бројните згради изрешетени во престрелките. Згора, државната полиција во зголемен број патролираше во градот во кој постави и контролни пунктови.
Дел од жителите се загрижени за последиците од пуштањето на слобода на Гузман Лопез, бидејќи сметаат дека штом картелите успеаја да ја примораат државата да им удоволи, би можеле да го сторат тоа повторно.