Поп-пејачот Боби Вајн, чие вистинско име е Роберт Кијагуани, влезе во претседателската трка на Уганда. Оттогаш, тој не помни колку пати добивал закани и бил вознемируван, а за негова безбедност е принуден постојано да носи панцир пренесува „Фајненшл тајмс“.
– Не помнам колку пати бев уапсен. Во последните 69 дена, бев секојдневно апсен. Четири пати пукаа на мене. Гумите на мојот автромобил беа пукнати, стаклата искршени. Среќен сум што преживеав – изјави Вајн.
Тој е противник на досегашниот претседател на Уганда, 76-годишниот Јовери Мусевени, во претседателската трка која ќе заврши в четврток. Мусевени, кој е на власт од 1986 година, го собори Милтон Оботе, кој ја продолжи насилната диктатура на Иди Амин.
Вајн, кој себеси се нарекува „гето претседател“ поради неговата младост помината во сиромашно гето во Кампала, го почнува секое утро облекувајќи панцир и со молитва. Минатиот месец, негов телохранител почина, а тој тврди дека воената полиција го прегазила со автомобил. Минатата недела, поради безбедносни причини, го испратил неговото семејство во САД.
Мусевени нема лесно да отстапи од неговата позиција на моќ, а овие избори имаат потенцијал да бидат најнасилните избори во Уганда досега. Вајн открива дека најмалку 100 лица биле застрелани од безбедносни сили, а 54 починале во протестите.
– Демократијата е загрозена во источна Африка. Контролата на Мусевени беше во голема мера оспорена, особено од младите гласачи – рече Сара Биреет, директорка на Центарот за уставно управување во Кампала.
И покрај тоа што има послаба партиска структура, Вајн, кој беше избран за пратеник со огромно мнозинство во 2017 година, ги инспирираше младите, особено во урбаните центри. Повеќе од 75 отсто од населението во Уганда е под 30-годишна возраст, при што оваа земја без излез на море има една од највисоките стапки на невработеност кај младите во субсахарска Африка, со 13,3 отсто.
Вајн вети повеќе работни места и враќање на владеењето на правото, а тимот на Мусевени го призна неговото влијание кај помладите гласачи од земјата. Рага-музиката на Вајн, која престаавува спој од рап и реге, често се фокусира на политиката. „Нашите водачи застрануваат, борците за слобода стануваат диктатори“, се дел од неговите стихови. Сега, тој ги повикува гласачите во Уганда да излезат масовно да гласаат против режимот.
– Единствените поддржувачи што ги имаше кандидатот Кијагуани се младите луѓе на кои им ветува рај, дури и кога реалноста што може да ги снајде би била еднаква на пеколот – рече Емануел Домбо, портпарол на партијата на Мусевени за телевизијата НБС на Уганда.