Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер изјави дека германските трупи ќе се повлечат од Авганистан, кога ќе се повлечат и американските сили.
Таа изрази очекување дека овој план ќе биде потврден на денешната вонредна седница на НАТО.
Претставници на американската администрација објавија дека американскиот претседател Џо Бајден ќе објави планови за целосно повлекување на американските сили од Авганистан до 11 септември оваа година, на 20-годишнината од терористичките напади врз кулите близначки во Њујорк и зградата на Пентагон.
Со тоа би се затворило поглавјето на американската историја за најдолгата американска војна, иако критичарите предупредуваат дека мирот во Авганистан не е безбеден ниту по две децении судири, пренесува „Ројтерс“.
– Отсекогаш сме велеле дека ќе сториме сè заедно, затоа го правиме тоа. Тоа значи дека Германија, како членка на НАТО, ќе ги синхронизира своите планови за повлекување од Авганистан со САД – рече Крамп-Каренбауер.