Министрите за надворешни работи на Германија, Франција и на Полска се согласија на состанокот во германскиот град Вајмар да дефинираат заеднички пристап кон белорускиот претседател Александар Лукашенко.
– Ситуацијата во Белорусија останува срам во срцето на Европа. Нема да го почитуваме ова мирно – рече германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, обвинувајќи го белорускиот претседател дека користел репресија за да ја смири земјата, пренесуваат светските агенции.
Мас на состанокот одржан по повод 30-годишнината од вајмарскиот триаголник, форум за промовирање на соработката меѓу трите земји, ги критикуваше и заканите на Лукашенко дека ќе дозволи голем број бегалци да преминат од Белорусија во ЕУ.
Полска, Литванија и Летонија го обвинуваат Лукашенко дека го сторил тоа намерно како одговор на санкциите на Европската Унија. Полскиот министер за надворешни работи, Збигњев Рау, ги повика трите земји да заземат заеднички пристап.
– Во пресрет на кризата важно е да покажеме солидарност. Полска со непријатност ја следи ситуацијата во Белорусија и напорите на Лукашенко да ја централизира власта – додаде тој.
Министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Ив Ле Дријан, исто така ја истакна потребата за соработка.
Групата, именувана по германскиот град Вајмар, е основана во 1991 година кога првпат се сретнаа министрите за надворешни работи на трите земји, две години по падот на Берлинскиот ѕид. Нивната цел во тоа време беше да ја зајакнат соработката, но првичниот ентузијазам опадна со текот на годините, особено кога се влошија односите меѓу Полска и Европската Унија.