На Германија и` е потребна работна сила и владата го забрзува процесот за доселување на странски експерти. Во Бон е отворена нова служба која ќе го координира признавањето на стручните квалификации стекнати во странство.
Германската економија е зависна од доселувањата. Сојузната влада затоа покрена порграма за привлекување на странски експерти под мотото „Мејк ит ин Џермани“. Тоа е национален приоритет.
– Без странски експерти нема да можеме да ја одржиме нашата благосостојба. Не можеме едноставно да чекаме на тие луѓе, мораме да се потрудиме околу нив – изјави сојузниот министер за труд, Хубертус Хајл.
Германскиот завод за статистика тврди дека бројот на работно способни граѓани во Сојузна Република Германија до 2035 година ќе се намали за четири до шест милиони. Во многу економски гранки владее недостиг од работна сила. Според наводите на Германската индустриска и трговска комора, дури 56 проценти од испитаните форми сметаат дека недостигот на работна сила моментално е најголемиот деловен ризик.
Секоја трета германска фирма изминатите години вработила работници од други членки на ЕУ, односно трети земји. Многу фирми поради недостиг на работници не можат да прифатат нови нарачки и трпат огромна финансиска штета.
По долготрајна дебата, усвоен е закон за доселување на стручна работна сила, со што сојузната влада признала дека Германија е доселеничка земја и тоа шест децении по првиот голем бран пристигнувања на гастербајтери.
Примарната цел на законот е олеснување на пристапот до германскиот пазар на труд за странските работници.
– Начелно целосно е сеедно од каде некој доаѓа, најважно е да докаже дека сака да се интегрира во некоја земја, да сака да соработува и да биде дел од општеството. И тогаш не е прашање од каде е некој, туку како сака да се интегрира – изјавила за „Дојче веле“ сојузната министерка за образование, Ања Карличек.