Посветеноста на Германија кон НАТО се доведува во прашање поради неисполнувањето на обврската за издвојување два отсто од БДП на трошоците за одбрана, но и поради можната соработка со кинески „Хуавеи“ пренесуваат светските медиуми.
Најбогатата европска членка на НАТО потроши 50,2 милијарди долари на одбрана минатата година, што е зголемување од 4,6 милијарди во однос на 2017 година, но тоа сепак, претставува 1,23 отсто од нејзиниот БДП. Членките на Алијансата, уште пред пет години се обврзаа дека ќе трошат два отсто од БДП на одбрана до 2024 година. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во повеќе наврати беше запрашан дали Германија навистина е посветена да ги зголеми вложувањата во одбраната.
– Германија, заедно со другите сојузници, се согласи кон обврската за вложување за која беше одлучено во 2014 година. Секако дека очекувам сите сојузници во НАТО да ја исполнат обврската, вклучувајќи ја и Германија, бидејќи претставува наш безбедносен интерес – истакна Столтенберг.
Американскиот генерал Куртис Скапароти, пак, се закани дека сојузниците во Алијансата ќе престанат да комуницираат со нивните германски колеги ако Берлин се здружи со кинеската компанија „Хуавеи“ за користење на нејзината технологија за супербрз 5Г-интернет.
– Загрижени сме за компромитирање на нивните телекомуникации, особено со 5Г-технологијата и способноста за извлекување податоци. Ако технологијата стане дел од нивната комуникација, ние ќе престанеме да комуницираме со нив – кажа Скапароти пред комитетот на вооружените сили во Сенатот на САД.
Згора, „Волстрит џурнал“ објави дека САД ја предупредиле Германија за идното споделување информации доколку се одлучи да ги користи услугите на „неповерливи произведувачи“ во нејзината 5Г инфраструктура.
Познавачите на состојбите во НАТО претходно изразија сомнежи и за воените капацитети на Германија.
– Германците избраа да станат воено импотентни во изминатите 25 години. Триесет и девет од вкупно 128-те германски воени авиони „еурофајтер тајфун“ биле исправни за служба во 2017 година, додека едвај една четвртина од постарите модели биле употребливи. А весникот „Шпигел“ извести дека Германија има ракети само за вклучување на четири авиони во борба. Германската војска се соочува и со недостаток на кадар, односно со недостаток на 21 илјада офицери – беше наведено во колумна во магазинот „Дифенс њуз“. М.Ж.