Германската канцеларка Ангела Меркел го уверила претседателот на Украина Петро Порошенко, дека ќе направи се што е во нејзина моќ за да се обиде да ја ублажи ситуацијата во односите меѓу Украина и Русија, соопшти украинското претседателство по телефонски разговор меѓу двајцата лидери.
Русија не одговори на повиците на Западот за ослободување на трите украински воени бродови врз кои отвори оган, а потоа ги приведе во близина на полуостровот Крим, и го обвини Киев дека правел заговор со своите западни сојузници за да предизвика конфликт.
– Ангела Меркел изрази загриженост во врска со ескалацијата на руската агресија со употреба на оружје и рече дека ќе стори сé што е во нејзина моќ со цел деескалација – соопшти портпаролот на претседателството, Свјатослав Цеголко на веб-страницата на шефот на украинската држава.
Порошенко и Меркел ги координирале и активностите за подготовка на седницата на Европскиот совет во декември во Брисел и се договориле за продолжување на украинско-германските консултации за решавање на ситуацијата.
Германскиот министер за надворешни работи Хаико Мас денеска на заедничката прес-конференција во Мадрид со шпанскиот колега Жосеп Борел, изјави дека Германија може да стане посредник меѓу Украина и Русија за решавање на кризата во врска со настаните во Керченскиот Теснец.
Министерот Мас ги повика „сите страни да бидат воздржани“.
– Ако треба, подготвени сме да станеме посредник, со цел овој конфликт да не се претвори во сериозна криза – истакна Мас.