Венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гваидо објасни дека тековните средби меѓу неговите претставници и претставниците на претседателот Николас Мадуро во Осло не се преговори, туку обид да се седне на преговарачката маса, пренесува „Ел Насионал“.
-Ова никој случај не се преговори. Ова се обидите на Норвешка да дејствува како посредник и траат со месеци-изјави Гваидо.
Лидерот на опозицијата потсети дека вторпат Норвешка ги кани страните во судирот во Венецуела да седнат на преговарачката маса во Осло.
-Нема разлика меѓу овој состанок во Норвешка и другите состаноци. Намерата на Норвешка е да дејствува како посредник во решавањето на кризата, која е слична на намерата на Меѓународната контакт-група, групата Лима, Канада и други. Тоа е уште една иницијатива на држава која бара соработка- додаде Гваидо.
Вчера беше објавено дека членови на владата на Венецуела и на опозицијата одржуваат тајни разговори на непозната локација во главниот град на Норвешка, Осло.
Владината делегација била предводена од министерот за информации, Хорхе Родригез, додека Гваидо бил застапуван од пратеникот Сталин Гонзалес. Присутни биле и двајца политички советници на Гваидо заедно со државниот гувернер сојузник на Мадуро.
Норвешка претходно јавно ја понуди својата помош за посредување во конфликтот и изрази поддршка за парламентот контролиран од опозицијата во Венецуела, но, за разлика од многу други европски земји, не го призна Гваидо како привремен претседател.
Наводната средба се одржува две недели откако Гваидо не успеа да собере војниците за да го собори Мадуро. Неговиот повик, воени лица да пребегнат и да се свртат против владата, предизвика повремени судири во главниот град на државата, Каракас. Еден ден подоцна Мадуро прогласи победа против обидот за државен удар и рече дека вооружените сили останале лојални на неговата влада.
Гваидо, кој беше прогласен за привремен претседател во јануари, веднаш беше поддржан од САД и нивните сојузници во Европа, како и поголемиот дел од јужноамериканските држави. Земјите како Кина, Русија, Иран, Мексико и Турција продолжуваат да го признаваат Николас Мадуро како легитимен лидер на Венецуела.