Одлуката на новозеландската лабуристичка влада да не се приклучи на колективната меѓународна акција против Русија и да протера дипломати и можни шпиони заради нападот врз поранешниот советски разузнувач Сергеј Скрипел, е збунувачка, пишува „Гардијан“.
Дваесет и шест нации се обединија кога станува збор околу мерките за протерување на дипломати и разузнавачи од своите земји, вклучително и сите поголеми партнери и соработници на Нов Зеланд.
Оваа држава е членка на мрежата „Five Eyes signals“ во која се Австралија, Канада, Велика Британија и САД, така што, според „Гардијан“, има увид во британските докази околу нарачателот на нападот врз Скрипел.
Нов Зеланд, исто така, е соработник на НАТО и ЕУ, како и повеќето демократски земји, па делува чудно што не се приклучи на своите најблиски соработници во повеќе симболичното казнување на Русија заради недоличното однесување.
Британскиот весник истакнува дека одлуката дополнително е обесмислена и со изјавата на новозеландската премиерка Јасинда Адерн, дека на Нов Зеланд „нема непријавени руски разузнавачи“, заради што нема потреба било кој да се протерува од земјата.
Таа тврди дека министерот за надворешни работи и трговија ја убедил во тоа, иако, како што пишува „Гардијан“, ова министерство нема контраразузнавачка служба, ниту, пак, можност да процени кој е руски разузнавач, пријавен или непријавен. Таа работа и припаѓа на разузнавачката служба на Нов Зеланд.
Како што оценува британскиот весник, ова е невообичаен потег на една мала земја која во конфликтот меѓу големите сили, во главно зазема прагматичен пристап.
„Лилипутанците како Нов Зеланд во главно размислуваат на подолги патеки и многу внимаваат пред да заземат непопуларен став, спротивен на нивните големи пријатели“, оценува „Гардијан“.
Одлуката на Нов Зеланд да не учествува во заедничката акција е донесена без оглед што станува збор за директно барање на британската премиерка Тереза Меј, наведува весникот.
Според истиот извор, колективната акција на земјите во голема мерка е симболична.
Руските разузнавачки операции ќе бидат оштетени во Британија, САД и Германија, многумина од протераните не се „обични“ дипломати кои можат да бидат вратени во иднина. Негативните последици од придружувањето на коалицијата би биле многу мали, дури и со руските закани, а од друга страна Нов Зеланд би бил забележан како добар дипломатски партнер, што, како што пишува „Гардијан“, е многу посилно од било каков одговор на Русија.
Како една од можните причини заради кои Нов Зеланд ја донел ваквата одлука, „Гардијан“ ја гледа во „трговско опседнатата политика“ која земјата ја води во последните неколку години и во шпекулациите дека постои можност за подобрување на билатералниот договор за слободна трговија со Русија во вакуумот што настана по воведувањето на санкциите кон Русија заради нејзината улога во конфликтот во Украина. Нов Зеланд и Русија трговските разговори ги започнаа пред воведувањето на санкциите и тие потоа беа прекинати.
Официјалниот став на министерството за надворешни работи на Нов Зеланд е дека кршењето на санкциите во обид да се добие некаква полза од Русија во најдобар случај е контрапродуктивен.
Исто така, владејачките лабуристи се обидуваат да заземат став на „независна и автономна“ надворешна политика, спротивно на претходната влада.
Со оглед на анимозитетот кон Доналд Трамп и до одредена мера кон Тереза Мај, што го чувствуваат граѓаните, но и партнерите на лабуристите, ова би можело да биде „Давид против Голијат“ претстава за домашната публика, оценува „Гардијан“.