Градот Вухан кој е жариште на новиот корона вирус, забрзано гради болница со 1.000 кревети за лекување на заразените пациенти.
Од новиот вирус досега починаа 26 лица, а повеќе од 800 се заразени.
Кинеските медиуми објавија дека болницата може да биде завршена до понеделник.
Болницата се гради во комплекс претходно наменет за локалните работници, покрај езеро, на периферијата на градот, објави еден државен весник.
Вухан ќе го повтори претходното искуство во Пекинг за време на борбата против вирусот САРС во 2003 година, кога за една недела беше изградена болница во предградие на Кина.
„Тоа беше чудо впишано во историјата на медицинската наука“, се вели во весникот.
Околу 1.000 работници ја изградија болницата во Пекинг, каде се лечеа околу 700 пациенти.
Кина ги засили антивирусните активности, а изградбата на новата болница е една од нив.
Јавниот превоз е суспендиран во 10 градови во провинцијата Хубеи, со население од 60 милиони жители, а храмовите се затворени, пренесува „Ројтерс“.
Вухан, град со 10 милиони луѓе од каде потекнува вирусот е во целосна изолација.