Смртоносните бранови предизвикани од ерупција на вулканот Анак Кракатау ги опустошија крајбрежните области меѓу индонезиските острови Суматра и Јава

Најмалку 222 лица загинаа, а над 840 се повредени при налет на цунами во крајбрежните гратчиња во Сундскиот Теснец, меѓу индонезиските острови Суматра и Јава, предизвикано од ерупција на вулканот Анак Кракатау.
– Настрадаа најмалку 222 лица, 843 се повредени, а 28 други се водат како исчезнати – изјави портпаролот на индонезиската агенција за справување со елементарни непогоди, Сутопо Пурво Нигрохо.

Тој нагласи дека се стравува оти билансот на жртвите ќе се зголеми во следните часови, бидејќи постојано пристигнуваат информации за нови жртви од погодените реони.
Нигрохо вчераутро информира дека најтешко е погодена провинцијата Бантен, од каде што се регистрирани повеќе од половина од загинатите.

Властите предупредуваат дека бројот на жртвите ќе расте

Индонезиските власти соопштија дека при налетот на цунамито, околу 21.30 часот по локално време, се разурнати стотици домови и хотели во познатите туристички дестинации во областа. Цунамито откорнало и голем број дрвја, кои ги блокираа патиштата, што го отежнува пристапот на спасувачките екипи до настраданите.
На една снимка, објавена на социјалните медиуми, се гледа како брановите удираат во шаторот во кој свирел популарниот индонезиски рок-бенд „Севентин“, во еден популарен туристички комплекс. Цунамито ја урнало сцената и ги однело музичарите и дел од гостите. Пејачот подоцна на Инстаграм објави дека во налетот на смртоносните бранови настрадале басистот, менаџерот и уште три други члена на бендот и сопругата, кои се водат како исчезнати. Друг член на бендот изјави дека успеал да преживее фаќајќи се во последен миг за дел од сцената.

Агенцијата за метеорологија, климатологија и геофизика апелира до локалните жители и туристите да стојат подалеку од брегот, нагласувајќи дека тоа предупредување ќе биде во сила до 25 декември.

– Ве молиме да не се приближувате до плажите. Оние што се евакуирани, се молат сѐ уште да не се враќаат дома – соопшти агенцијата.

Раководителот на Одделот за предупредување за земјотреси и цунами при агенцијата, Рахмат Тријоно, призна дека на Индонезија ѝ недостига систем за рано предупредување од опасност од големи бранови при ерупција на вулкани.
– Механизмите за рано предупредување со кои располагаме во моментов првенствено се однесуваат на тектонски појави, а не на вулкански – изјави Тријоно.

Кон крајот на септември индонезискиот остров Сулавеси го погоди земјотрес со интензитет од 7,5 степени според Рихтеровата скала, кој предизвика цунами високи и до седум метри, при што загинаа над 2.200 лица, над 10.000 беа повредени, додека повеќе од 1.000 други прогласени за исчезнати.

По ова властите признаа дека системот за предупредување од цунами не функционира со полн капаците веќе шест години. Според нив, од 2012 година не работи длабинскиот сензор за рана детекција на големи бранови, кој е клучен елемент на системот за предупредување од цунами.


Детето на Кракатау

Анак Кракатау или Детето на Кракатау е нов остров, кој произлезе во 1927 година од вулканот Кракатау. Во август 1883 година, Кракатау имаше една од најсилните вулкански ерупции во историјата на планетава, наведува Би-би-си.
Огромни бранови високи до 41 метар убија над 30 000 лица, а илјадници други настрадаа од жешката вулканска пепел. Ерупциите беа со јачина еквивалентна на 200 мегатони ТНТ, или околу 13.000 пати повеќе од јачината на атомската бомба фрлена врз Хирошима во 1945 година. Ерупциите се слушнаа на оддалеченост од илјадници километри. Глобалните температури наредната година се намалија за повеќе од еден степен, а вулканскиот остров исчезна.


Што го предизвикало цунамито?

Вулканолозите испитуваат дали цунамито било предизвикано од вулканскиот остров Анак Кракатау. Вулканологот Џес Феникс вели дека кога вулканите еруптираат, топлата магма се слева кон земјата и може да ја урне или да се пробие низ поладните карпи, а сето тоа може да предизвика свлечишта, односно лизгања на земјиштето.
– Но бидејќи дел од вулканот е под вода, наместо да има лизгање на земјиштето, добивате подводно свлечиште што турка голема маса вода додека се движи, а тоа може да предизвика цунами – нагласува таа.
Вулканот Анак Кракатау забележа зголемена активност во изминатите неколку месеци. Геолошката агенција на Индонезија соопшти дека вулканот еруптирал две минути и 12 секунди во петокот, создавајќи облак од пепел што се издигнал 400 метри над кратерот. Оттаму препорачуваат да се забрани пристапот во областа во радиус од два километри од кратерот.


„Имаше два брана“

Бев на плажа и бев сам. Моето семејство спиеше во една хотелска соба. Се обидував да го фотографирам вулканот Кракатау, кој еруптира. Претходно истата вечер имаше голема ерупциска активност, но токму пред да ја погодат брановите плажата, воопшто немаше активност. Беше мрачно. Одеднаш здогледав бран и морав да бегам. Всушност, имаше два брана. Првиот не беше толку силен и можев да избегам од него. Истрчав директно до хотелот, каде што спиеја сопругата и синот. Ги разбудив и тогаш слушнав поголем бран. Погледнав надвор од прозорецот кога удри вториот бран. Беше многу поголем. Бранот помина низ хотелот. Автомобилите беа истуркани од патот. Ние и други луѓе се упатиме на повисоко место, кон шумата, веднаш до хотелот, раскажа за Би-би-си Ојстеин Лунд Андерсен, норвешки фотограф на вулкани, кој се наоѓал на плажа во Западна Јава.