Постојаниот претставник на САД во Конференцијата на ОН за разоружување, Роберт Вуд денеска изјави оти САД би можеле да се повлечат од Договорот за нуклеарно оружје, кој датира од Студената војна, ако Русија продолжи да го крши истиот.
Американската администрација повеќе од две години има забелешки поради распоредувањето на рускиот ракетен систем 9М729, што според Вашингтон претставува кршење на Договорот за уништување на нуклеарни ракети со среден дострел, потпишан од Роналд Реган и Михаил Горбачов во 1987 година.
– Таквата ситуација е неподнослива и ние треба да преземе мерки против континуираното кршење на тој многу важен договор, посочи Вуд.
Тој додаде оти прашањето ќе биде едно од приоритетните на разговорите за разоружување идната недела во ОН.
– Не знам уште колку време ќе можеме да ги почитуваме нашите обврски од тој Договор додека Русија го прекршува на видлив и очигледен начин, наведе Вуд.
Русија подолг период демантира дека ракетниот систем 9М729 е кршење на Договорот од 1987 година.
Но, Вуд денеска истакна дека Русија долго време демантираше дека поседува такви ракети.
Договорот од 1987 година предвидува забрана за употреба на ракети со дострел од 500 до 5.000 километри. Со Договорот беше ставен крај на кризата од 80-тите години, откако беа распоредени советските ракети СС-20 со нуклеарни глави, кои на нишан ги имаа западноевропските главни градови.