Научниците го открија вториот пациент заразен со ХИВ-вирусот кој навидум се излекувал без третман со матични клетки. Научниците се надеваат дека со понатамошни истражувања на примероци од пациентот ќе дојдат до што повеќе информации за евентуално откривање на начин за лекување на вирусот, пренесува „Си-ен-ен“.
Станува збор за 30-годишна жена од Есперанза, Аргентина, која била инфицирана со вирусот во 2013 година. Осум години подоцна, нејзиното тело не покажува знаци на активна инфекција и нема остатоци од вирусот. Досега е познат само упште еден ваков случај.
Научниците сугерираат дека пациентката природно го постигнала она што тие го опишуваат како „стерилизирачки лек“ од ХИВ-инфекцијата, без помош од трансплантација на матични клетки. Таа првпат била дијагностицирана во март 2013 година, а примала антиретровирусен третман до 2019 година.
Откако забременила, жената почнала да ги пие лековите „тенофовир“, „емтрицитабин“ и „ралтегравир“, шест месеци во текот на нејзината бременост. Новороденото бебе било ХИВ-негативно, по што таа ја прекинала терапијата. Од пациентката биле земани примероци од крв помеѓу 2017 и 2020 година, а научниците земале примерок и од и плацентарно ткиво откако таа се породила.
– Стерилизирачкиот лек за ХИВ претходно беше забележан само кај двајца пациенти кои примија високотоксична трансплантација на коскена срцевина. Примерите за природно развиен лек сугерираат дека сегашните напори да се најде лек за ХИВ-вирусот конечно се на дофат – вели д-р Ксу Ју од универзитетот „Харвард“.
Околу 38 милиони луѓе живеат со ХИВ-инфекцијата, а минатата година околу 690.000 луѓе умреле од болести поврзани со СИДА ширум светот.