Властите од САД информираа дека 8-годишно момче починало во граничен притвор, откако голем број на мигранти кои се обидуваа да ја минат гранцата меѓу Мексико и САД беа уапсени, пренесува Би-би-си. Ова е втор случај месецов дете мигрант да го загуби животот додека е во притвор.Во претходниот случај, 7-годишно девојче, исто така од Гватемала, почина само неколку часа откако беше притворено од страна на американските власти.
Мигрантските каравани кои се движат од Ел Салвадор, Гватемала и Хондурас предходните неколку месеци се навистина засилени и голем број на луѓе легално и нелегално се обидуваат да стапнат на територијата на Соединетите Држави. Причината за миграцијата на овие луѓе најчесто се политичкиот прогон, сиромаштијата и насилството во претходно споменатите земји од Централна Америка. Во моментов, мигрантите се сместени во привремени кампови во граничниот град Тихуана во Мексико.
Тензијата на границата меѓу САД и Мексико, откако започнаа големите мигрантски бранови е висока, поради тоа што илјадници луѓе чекаат влез во „ветената“ земја. Минатиот месец, полицијата на САД користеше солзавец на групи мигранти во кои имаше и деца, кои се обидуваа нелегално да ја минат оваа граница. Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп вети дека ќе се обиде да ги задржи сите што ќе се обидат да влезат во земјата, сè додека судовите не одлучат за тоа дали тие имаат основ да влезат во САД или не.