Автор: Дејл Беран

Атлантик

На крајот на мај, кога демонстрантите излегоа на улица да протестираат поради полициското убиство на Џорџ Флојд, почнаа да кружат извештаи дека мистериозната хакерска група „Анонимус“ повторно се вратила на сцената. Гласините почнаа да се шират откако беше објавена видео-снимка на лице облечено во црно со препознатливата маска на Гај Фокс. Лицето со вознемирувачки и изменет глас упати порака за убиството на Џорџ Флојд и најави поголема мрежа на злоупотреба на полициска должност: „Поздрав до жителите на САД. Ова е порака од ’Анонимус’ до полицијата во Минеаполис. Ќе почнеме да ги откриваме вашите многубројни криминали пред светот. Ние сме цела легија, затоа бидете подготвени“.

Видео-снимката предизвика нов бран на ентузијазам за „Анонимус“ особено меѓу младите. Кориснички сметки на Твитер поврзани со групата забележале наплив на нови следбеници, а неколку од нив со милиони.

Во екот на нивната популарност во 2012 година, „Анонимус“ беше мрежа на илјадници активисти, од кои мал дел беа хакери, посветени на левичарско-слободарските идеали на лична слобода и беа против консолидација на корпоративната и владината моќ. Но по низата апсења, таа постепено исчезна. Сега нова генерација со свежи сили сака да се приклучи.

По објавувањето на видео-снимката следеа низа апсења. Медиумите шпекулираа дека токму „Анонимус“ ги зазедоа полициските радио-скенери во Чикаго на 30 мај за да ги пуштат песните „Fuck The Police“ на Н.В.А. и „Chocolate Rain“ на Зондеј од 2007 година, која се сметаше за неофицијална химна на групата. Исто така, кога веб-страната на полицијата на Минеаполис не беше во функција поради очигледен ДдоС-напад, поточно хакирање кое ја оптоварува веб-страната со преголем сообраќај, на социјалните мрежи се сметаше дека „Анонимус“ стојат зад него.

По три недели, едно лице кое се идентификуваше како дел од групата, во јавноста објави стотици гигабајти на внатрешни полициски документи од над 200 агенции во САД. Хакирањето категоризирано како „Блуликс“ не содржеше многу информации за злоупотреба на полициска должност. Сепак откри дека локални и федерални законодавни групи ширеле претерани и недоволно истражени дезинформации меѓу полициските службеници во Минеаполис за време на немирите во мај и во јуни и воедно ја следеле активноста на социјалните мрежи на демонстрантите.

Неодамна објавив книга во која имаше детали за нејасното потекло на „Анонимус“, а до минатиот месец сметав дека групата е неактивна. Бев изненаден од нејзиното повторно активирање и сакав да разберам како и зошто се враќа на сцената, почнувајќи од авторот на новата видео-снимка. Не ми требаше многу време да откријам.

Видео-снимката беше обележана што не е карактеристично за „Анонимус“. Знакот беше заматен во копиите, но во оригиналната објава со бели букви беше обележан „аноњуз.ко“. Оваа адреса ме упати до агрегат за вести кој ме доведе до страница на Фејсбук, каде што првата верзија беше објавена на 28 мај. Британската компанија „Мидијалаб лтд“ ја контролирала страницата. Испратив порака на страницата и сопственикот на компанијата ми одговори уште истиот ден. Ова лице сакаше да остане анонимно, но се согласи да ме поврзе со креаторот на видео-снимката.

Мислев дека влегов во трагата на руски тролови чија задача е да предизвикаат радикални поделби. Првата која ја пренела веста за видео-снимката била руската државна куќа „Раша тудеј“ на 29 мај. Милиони нови корисници почнале да ги следат корисничките сметки на „Анонимус“ на Твитер, а се покажа дека повеќето од нив беа ботови.

За само еден час откако добив електронска порака, добив повик од едно предградие во округот Харфорд во Мериленд, северно од моето место на живеење. Човекот во телефонскиот разговор ми се претстави како Џон Вајбс и ме праша дали сум изненаден што се работи за локален жител.

Во мојот разговор со Вајбс не бев сигурен дали „Анонимус“ навистина се вратија на сцената. Но кога во текот на минатиот месец разговарав со разни сегашни и поранешни хакери од „Анонимус“, тие сите инсистираа дека група треба повторно да се активира. За да се разбере зошто и што значи, не треба да се заборави дека постојат две спротивни толкувања на „Анонимус“.

Во една смисла, „Анонимус“ се децентрализирана заедница на технолошки активисти кои соработуваат во мали групи на проекти што ги викаат „операции“. Но има и втора дефиниција на групата. Анонимни членови ќе ви кажат дека групата нема членови и дека воопшто не е група, туку банер кој луѓето сакаат да го користат. Како пиратското знаме кое секој може да го користи и да дејствува во име на „Анонимус“.

Сите мои извори поврзани со „Анонимус“ имаа ист одговор, а тоа е дека луѓето повторно се собирале во комуникациските соби за да координираат нови „операции“. „Анонимуси“ отсекогаш вака функционираа. Видео-снимка која масовно се споделуваше предизвика нов бран на ентузијазам. Потоа безлидерскиот колектив почна да дебатира за чекорите. Понекогаш се одлучува за перформативни протести, како хакирање на полициски радио-скенери или краткотрајно блокирање на веб-страници. Но како во случајот со „Блуликс“, честопати повештите хакери крадат и објавуваат документи со цел да поддржат некаква политичка цел со издржани докази.

Сепак, групата и движењето се променија низ годините. Сега движењето „Анонимус“ се подели на конкурентски фракции на тролови и на активисти. Некои хакери од „Анонимус“ сега го поминуваат нивното време во следење и разоткривање на организатори од алтернативната десница, честопати во истите мрежи кои тие ги користеа во ерата на троловите во средината на 2000-тите години. Некои членови ја променија нивната сфера на дејствување. Некои од нив изјавија дека сега работат тивко и ретко или речиси воопшто не ја повторуваат грешката поради која многумина од нив завршија во затвор, односно објавување на нивниот труд во јавност.

Тие сега се многу повнимателни од претходно и често отворено се прашуваат кои меѓу нив се полициски службеници или информатори. Тие повеќе не се организираат на прастариот комуникациски сервис „ИРЦ“, затоа што сметаат дека е компромитиран и претпочитаат да користат посовремени и напредни заштитени комуникациски алатки како „Вајр“, „Гаџим“ или „Сигнал“. Од социјалните мрежи исклучиво го користат Твитер, затоа што сметаат дека другите платформи не нудат доволна заштита на приватноста.

Во филмот „В за вендета“, откако појавата на пандемија доведува до воведување на фашистичка диктатура во 2020 година, сите ги носат маските на Гај Фокс за да го соборат режимот. Барем така завршува филмот. Ако има некаква разлика меѓу нашиот свет и другата страна на екранот, се чини како одамна да е избришана.

Превод: Билјана Здравковска