Кавги во владејачката коалиција во Словачка откако премиерот Игор Матовиќ ги заобиколи коалициските партнери и испрати авион по руската вакцина против ковид-19, пренесуваат медиумите во оваа земја.
Според нив, владејачката коалиција честопати се судира во пристапот за сузбивање со пандемијата од ковид-19, а Матовиќ, како што пишуваат, ја донел одлуката и покрај барањата од коалициските партнери да не ја користат руската вакцина сè додека не биде одобрена од Европската агенција за лекови.
Словачка е втора земја членка на Европската Унија, по Унгарија, што ја купува руската вакцина „спутник В“.
Политичкиот партнер во коалицијата, партијата „За народот“, вчера се закани дека ќе ја напушти владата поради ова прашање, додека, пак, партијата „Слобода и солидарност “ повика на преструктуирање на кабинетот формиран по изборите пред една година, пренесуваат агенциите во Словачка.
– За време на викендот, воен авион беше испратен во Москва да донесе 200.000 дози од вакцината ‘спутник В’, прва пратка од вкупно два милиона – рече Матовиќ.
Тој својата одлука за купување на руската вакцина ја бранеше и преку социјалните мрежи.
– Нашите партнери го користеа ‘спутник В’ како најтешкото оружје за да ја растурат сопствената влада – рече тој.
Министерот за надворешни работи Иван Корчок изјави дека набавката на руската вакцина ја доведува во прашање позицијата на земјата на меѓународната сцена.