Американскиот Сенат вчера требаше да го почне судењето за импичмент на претседателот Доналд Трамп, кој е обвинет за злоупотреба на функцијата и попречување на конгресната истрага на неговите постапки. Со тоа, Сенатот третпат во историјата на САД ќе му суди на актуелниот шеф на Белата куќа за неговите престапи.
Обвинителите од Претставничкиот дом на Конгресот, познати како „менаџери“, вчера пред Сенатот требаше формално да ги претстават членовите за импичмент на Трамп, кои минатиот месец беа одобрени од Претставничкиот дом. По нив, претседателот на Врховниот суд, Џон Робертс, ќе се вклучи во постапката и ќе даде свечена заклетва за својата улога на претседавач со судењето. Потоа свечена заклетва ќе дадат и стоте сенатори – 53 републикански, 45 демократски и двајца независни – кои ќе имаат улога на поротници на судењето.
За осуда и отповикување на Трамп е потребно двотретинско мнозинство од сенаторите, но по сѐ изгледа тој е добро заштитен од таквата опција, благодарение на лојалните републикански сенатори. Воведни излагања во судењето пред Сенатот ќе имаат седумте менаџери за импичмент на страна на обвинителите, како и претставниците од тимот на одбраната на Трамп.
Актуелниот шеф на Белата куќа се товари за злоупотреба на функцијата и опструкција на Конгресот, поврзани со неговите притисоци врз Украина да почне истрага за наводна корупција на бившиот американски потпретседател Џо Бајден, кој има големи шанси да биде главен ривал на Трамп на претседателските избори во ноември.