Од печатење купони како замена за пари до одгледување украсни црни лебеди за храна, Северна Кореја е принудена на овие промени за да се справи со економските проблеми и недостигот на храна во време кога сè уште постојат пандемични гранични блокади.
Како што се приближува крајот на жетвата, меѓународните набљудувачи велат дека состојбата со храна и економската состојба во Северна Кореја е тешка и дека има сигнали оти земјата ја зголемува трговијата и прима големи пратки хуманитарна помош преку Кина.
Јужнокорејската разузнавачка агенција вчера на парламентарното сослушување зад затворени врати објави дека севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун издал наредби со кои повикува на зачувување на секое зрно ориз и на сеопфатни напори посветени на земјоделството.
Сепак, шпионската агенција проценува дека оваа жетва би можела да биде подобра од минатогодишната поради повеќе сончеви денови наведувајќи дека Северна Кореја презема чекори за повторно отворање на границата со Кина и Русија во наредните месеци.
Според разни медиуми, кои се повикуваат на неидентификувани извори во Северна Кореја, тамошната централна банка испечатила купони за пари во вредност од речиси еден долар поради недостиг на банкноти од севернокорејски вони.
Оваа недела севернокорејските државни медиуми ја промовираа потрошувачката на месо од црн лебед како медицински извор на храна наведувајќи дека новото индустриско одгледување ќе помогне да се подобри животот на луѓето.
– Месото од црниот лебед е вкусно и има лековита вредност – пишува севернокорејски дневен весник, кој е во сопственост на владејачката партија.
Истражувањето за одгледување украсни птици за храна почна на почетокот на 2019 година, а властите им наложија на училиштата, фабриките и на компаниите да одгледуваат риби и други животни со цел да ја зголемат сопствената независност на храна.
Северна Кореја долго време се соочува со напната ситуација со храната, а набљудувачите велат дека лошото економско владеење е влошено со меѓународните санкции поради нејзиното нуклеарно оружје, природните катастрофи и сега пандемијата на Ковид-19, што доведе до невидена гранична блокада.