Надежите на шкотската премиерка Никола Старџен за одржување на втор референдум за независност се во неизвесност откако првичните резултати од изборите покажаа дека нејзината Шкотска национална партија (СНП) не успеа да обезбеди мнозинство во шкотскиот парламент.
Старџен кажа дека ќе бара одржување на референдум за отцепување на Шкотска од Обединетото Кралство до крајот на 2023 година, ако во парлементот со 129 места има мнозинство кое ја поддржува независноста. Но, уште е нејасно дали СНП освои доволно пратенички места. Според последното пребројување, СНП моментно има 28 места, Либерал демократите четири, Конзервативната партија две, а Лабуристичката партија едно место, со што се очекуваат дополнителни резултати во текот на денот. Анкетите предивидуваа дека СНП ќе ја формира следната влада, но со поддршката на помалите партии. А Старџен истакна дека е среќна што СНП е на пат да обезбеди четврта последователна изборна победа.
– Ако тоа е исходот од изборите, ветувам дека веднаш ќе продолжам на работата за водење на државата во ковид-кризата до закрепнување. А кога мигот ќе биде погоден, да и понудам на државата и избор за подобра иднина – истакна Старџен.
Парламентарните избори во Шкотска се дел од т.н. „супер четврток“ на кој и гласачите во Англија и во Велс ќе можат да гласаат на локални избори.
Британскиот премиер Борис Џонсон, кој има моќ да го одобри или одбие новиот референдум, ја става неговата влада на курс што води кон судир со СНП, наведуваат познавачите на состојбите.
– Мислам дека луѓето сега не сакаат уште институционални превирања – кажа Џонсон, кој во врска со референдумот одржан во 2014 година, исткна оти тоа треба да биде „настан што се случува еднаш во генерација“.
При последниот референдум за независност над 55 отсто од гласачите беа против независност.
Старџен предупреди дека нејзината партија би можела да продолжи со плановите за одржување на нов референдум дури без поддршка од британската влада.