Сопружниците Демитрис, бегајќи од заканите за крвна одмазда (вендета) од неименувана италијанска мафија, се соочуваат со навистина несекојдневна ситуација. Италијанците, по претходно споменатите закани од мафијата избегале во Канада, каде не им бел дозволен престој како мигранти, за потоа, сепак, нелегално да успеат да останат во земјата, пренесува канадски „Нешнл пост“.
Повеќечленото семејство, поради страв од крвна одмазда, дошло во Канада во 2013 година. Во моментот кога Граничната служба на Канада (ЦБСА) лани дошла да ги депортира, тие успеале да избегаат и оттогаш живеат како бегалци, носат различни маски, користат лажни имиња и притоа ги повлекле и децата од училиште.
Меѓутоа, со одлука на Федералниот суд минатиот месец, Канада дозволува спроведување проценка на ризикот за тоа колку е безбедно бегалците да бидат вратени во своите татковини, што за семејството Демитрис значи дека постои можност тие да останат во земјата. Токму оваа одлука на судот го донесе семејството во канцелариите на ЦБСА, каде се предадоа и побараа од властите да останат легално во земјата, без да стравуваат за депортација.
– Ако бараме помош и заштита, мораме да му веруваме на системот и ќе соработуваме. Ова повторно ќе им овозможи нормален живот на нашите деца – рече сопругата.
Сопружниците, во изјавата за „Нешнл пост“, поради личната и безбедноста на децата, не сакале да ги кажат своите лични имиња и имињата на мафијата која наводно трагала по нив, почитувајќи го кодексот на честа во мафијата, познат како омерта. Сопругата, која била родена во едно од најопасните мафијашки семејства во јужна Италија, решила да се одвои од криминалниот живот. Нејзин близок роднина, кој некое време бил прв човек на мафијашкото семејство, станал заштитен сведок-соработник за владата на државата, а криминалниците одлучиле дека треба да го егзекутирааат. Бидејќи таа била многу блиска со него, мафијашите заклучиле дека ја знае неговата локација, често ѝ се заканувале, правејќи притисок врз неа.
Во меѓувреме, нејзиниот сопруг на друг начин го привлекол вниманието на мафијата. Тој бил работел како таен агент и доушник на полицијата во тајност. Тој ги истражувал членови на водечкиот мафијашки клан Сакра Корона Унита, како и роднините на неговата идна сопруга. Сосема случајно, тие се запознаваат и неочекувано се вљубуваат еден во друг, по што набрзо стапуваат во брак.
Поради бракот, сопругот исто така станува цел на истите мафијаши кои се заканувале на неговата жена. По неколку контректни закани и труење на нивното домашно милениче, семејството одлучува се пресели дури на 1.000 километри од нивниот дом, но едно од нивните деца се разболело и морало да прима здравствена нега, па на локацијата каде што биле регистрирани, ги посетил човек кој повторно им се заканувал.
По сите овие закани, семејството одлучува да избега во Торонто, каде што сега, по повеќе години се обидува да го легализира својот престој и да продолжи со нормален живот во Канада.