Индустриите на ветерна и соларна енергија бележат силен пораст низ светот, додека инфраструктурните проекти се активираат, а државите воведуваат прогресивни цели за јаглеродна неутралност и сведување на емисиите на нула во наредните децении. Новите податоци покажуваат дека се предвидува двете популарни обновливи енергии брзо да ја надминат употребата на традиционалните фосилни горива, дури во наредните пет години.
Во новиот извештај на Меѓународната агенција за енергетика, се очекува актуелниот светски капацитет на ветерна и соларна енергија да се зголеми двојно до 2025 година и да достигне речиси 2.400 гигавати. Со тоа ќе се надминат капацитетите на јаглен и на природен гас во светот, за кои се предвидува да достигнат околу 2.100 гигавати и 2.000 гигавати соодветно до 2025 година. Во моментов, според ланските податоци, јагленот и природниот гас заедно учествуваат со повеќе од тројно од капацитетот на ветерната и соларната енергија во светски рамки.
Вредноста на традиционалните горива, како јагленот и природниот гас, драстично опадна во текот на оваа година, што се должеше на огромниот пад во побарувачката поради рестрикциите за ковид-19. Како што се очекува следната година да започне со надолен тренд, јагленот како ресурс беше најтешко погоден од намалената потрошувачка на електрична енергија во светот. Повеќето држави брзо ги пренасочија инвестициите од јаглената во ветерната, соларната и индустријата на природен гас, а можеби и наскоро официјално ќе исчезне како главен енергетски извор.
Од друга страна, ветерната и соларната енергија многу брзо ја заменуваат употребата на јагленот. Двете индустрии забележаа огромен раст дури и за време на пандемијата, а понатамошните вести за јаглеродна неутралност и плановите за сведување на штетните емисии на нула во државите во светот само го поттикнуваат нивното усвојување.