Интерпол соопшти дека денеска се запленети 55 тони различни видови наркотици, а приведени се 1.300 осомничени во глобална координирана операција.
Полицијата заплени повеќе од 35 тони кокаин, пет тони хероин, 15 тони канабис и 430.000 амфетамини.
– За време на првата глобална иницијатива, во која истовремено беа вклучени сите региони на Интерпол во борбата против трговија со наркотици, безбедносниот комуникациски систем на организацијата им овозможи на учесниците да ги координираат своите активности со полицијата од кој било дел од светот, се наведува во соопштението на Интерпол.
Во операција наречена „Лајонфиш“ (Lionfish) е откриена и илегална лабораторија во приватен дом во Холандија, со капацитет да произведе 700.000 апчиња екстази.
Генералниот секретар на Интерпол Јурген Сток истакна дека „операцијата го нагласува опсегот со кој се соочува полицијата во светот и потребата од координиран пристап при решавањето на проблемот со трговијата со дрога“.