Во Брисел почна вонреден самит на лидерите на Европската унија, на кој се разговара за претстојното излегување на Велика Британија од таа организација.
– Дојдов на самитот со барање до лидерите на Европската унија да го одложат брегзит на краток рок – изјави британската премиерка Тереза Меј при влезот во седиштето на Европската унија.
Истакнувајќи дека Велика Британија веќе требаше да излезе од Унијата, Меј рече оти е тажна, бидејќи британскиот Парламент не го одобри договорот за брегзит што британската Влада го постигна со официјален Брисел.
– И натаму тврдам дека овој договор може да обезбеди меко и уредно разидување. Барам одложување на брегзит до 30-ти јуни. Целта на овој самит е да се обезбеди пролонгирање на брегзит за да можеме во тој период да го усогласиме договорот за регулирано разделување – рече Мај, додавајќи дека работи напорно и преговара со британската опозиција за што поскоро да биде надминат проблемот.
Таа тврди дека е можно британскиот Парламент да го одобри договорот за брегзит до 22-ри мај.